Карпош ќе добие Дневен центар за лица со попреченост по иницијатива на Левица
На последната седница на Советот на Општина Карпош беше донесена одлука за отстапување на општински објект кој ќе биде приспособен за Дневен центар за лица со попреченост, по иницијатива на советниците од партијата Левица.
Објектот се наоѓа во Урбаната заедница Влае 1 и е идентификуван како најсоодветен за оваа намена по теренска обиколка организирана со поддршка од градоначалникот и одделението за поддршка на Советот на општината.
Од Левица информираат дека следниот чекор е да се обезбеди одобрување од Министерството за труд и социјална политика, кое треба да ја потврди усогласеноста на објектот со минималните стандарди за ваков тип установи. Состанок со претставници на министерството е закажан за следната недела.
Општина Карпош одвои 2 милиони денари од својот буџет во рамки на Програмата за детска и социјална заштита за 2025 година, за поддршка на проектот. Од Левица апелираат и до физички и правни лица, како и до општествено одговорни компании, да се приклучат со финансиска поддршка за побрза реализација.
„Се надеваме дека овој проект, кој е дел од нашата програма за локалните избори, конечно ќе се реализира и ќе обезбеди поддршка за граѓаните на кои им е најпотребна“, велат од локалниот огранок на Левица од Карпош.
Со оваа иницијатива, Карпош ќе стане една од ретките општини во Скопје што ќе располага со сопствен дневен центар наменет за лица со попреченост – долгогодишно барање на родителите и семејствата на овие граѓани.
Целото соопштение во продолжение: