Евро-Медитерански монитор: „Грозоморна“ тортура врз ослободените палестински затвореници од Израел
Евро-медитеранскиот монитор за човекови права (Euro-Med) со седиште во Женева остро реагираше на, како што ја нарече, „грозоморната“ тортура што ја претрпеле неодамна ослободените палестински затвореници од израелските затвори. Организацијата предупредува дека израелските власти систематски применуваат физичко и психолошко насилство врз затворениците, при што многу од нив биле ослободени во тешка здравствена состојба.
Во соопштението се наведува дека ослободените затвореници пристигнале во Појасот Газа со сериозни повреди и знаци на измачување, при што повеќето од нив не биле формално обвинети за кривични дела. Многумина сведочеле дека биле тепани и малтретирани до последниот момент пред ослободувањето.
„Ова не е поединечен случај, туку шема на систематско злоставување. Мачењето и медицинското занемарување се дел од стратегија за заплашување и казнување“, предупредува Euro-Med, повикувајќи го Израел да ги прекине, како што ги нарече, злосторствата на присилно исчезнување и да ги открие сите тајни логори и судбините на исчезнатите Палестинци.
Реакцијата следува по најновата размена на затвореници помеѓу Израел и Хамас, во рамки на договорот за прекин на огнот. Израел ослободи 642 палестински затвореници, откако Хамас ги предаде телата на четворица израелски заробеници. Во првата фаза на договорот досега се ослободени над 1.100 Палестинци, во замена за 25 живи израелски заробеници и осум тела.
Договорот за прекин на огнот, кој стапи на сила минатиот месец, моментално ја паузира разорната војна на Израел во Газа, во која според податоци на палестинските власти загинаа повеќе од 48.360 луѓе, главно жени и деца, а енклавата беше речиси целосно уништена.
Израел проценува дека Хамас сè уште држи 59 заложници, од кои најмалку 20 се живи. Тие би требало да бидат ослободени во втората фаза од договорот, што, според договорените услови, ќе бара целосно повлекување на израелските сили од Газа и траен прекин на војната.
Во меѓувреме, Израел е соочен со сериозни меѓународни правни последици. Меѓународниот кривичен суд во ноември издаде налози за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради сомневања за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа. Паралелно, пред Меѓународниот суд на правдата се води постапка против Израел за геноцид.
„Euro-Med“ ја повика меѓународната заедница да ја истражи и санкционира тортурата и нечовечкото постапување врз палестинските затвореници, а истовремено да изврши притисок за целосно почитување на меѓународното хуманитарно право во контекстот на вооружениот конфликт во Газа.