Димитров: За културата и празните ветувања или како од регионален центар станавме пост-транзициска паланка
- Колумна на Тони Димитров, координатор на Сектор култура на Левица.
Белград е регионален културен центар. Свесни сме дека и Србија културно е светлосни години пред нас. Континуитетот од Југославија ги одржува врските силни и продолжува да ги дефинира културните кодови во земјата. Од настани, програма, културни центри, имиња кој настапуваат, уметници кој изложуваат, продукција на филмови, издаваштво и книжари, буџети за културата, едуцирана, заинтересирана и културно воздигната публика.
Веднаш по вестите од политиката на националната телевизија започнува „Култирни дневник“, вести т.е. цела емисија која се однесува на културата. Вести од културата, прилози за локалните настани, интервјуа… Можам да продолжам со примери за Белград и Србија колку сакате.
Немојте веднаш со она „ама знаеш тие се два милиони само во Белград“. Големината на пазарот е ирелевантен за културната наобразба, едукација, интерес за истата и секако вложување во истата. Во Словенија не се ни два милиони, па има многу јасно дефинирано културно милје. Интересот за културата се создава и тоа не преку ноќ.
Просто е. Мора да се почне од некаде. Ништо не е создадено веднаш, а ние имаме пропуштени фази кои мора да се надокнадат. Значи мора да се започне… па од почетокот.
Но, што ми беше муабетот…
Ложионица
Пред неколку години во Белград започна да се реализира амбициозна иницијатива за трансформација на поранешниот железнички комплекс во модерен мултифункционален центар за креативност и иновации. Овој проект, финансиран од Владата на Република Србија со инвестиција од околу 52 милиони евра, има за цел да го претвори индустриското наследство во динамичен простор за културни, уметнички и технолошки активности.
„Ложионица“ е замислена како центар за култура, креативни индустрии, со простор за стартапи, работилници, изложби и настани. Проектот има за цел да стане нова туристичка атракција во Белград, привлекувајќи локални и меѓународни посетители. Дополнително, се планира и реконструкција на водената кула, која ќе биде претворена во современ изложбен простор за мултимедијални и имерзивни изложби.
Во рамките на новиот креативен центар се планираат програми за едукација, инкубација и развој на таленти од областа на технологијата, уметноста и дизајнот. Ова ќе овозможи младите да работат и напредуваат во средина што поддржува иновации и интердисциплинарна соработка.
Реконструкцијата на „Ложионица“ започна во февруари 2023 година, а завршувањето на работите е предвидено за пролет 2025 година. Комплексот ќе вклучува и нова деловна зграда од 11.000 м², подземна гаража и голем парк. Целта е да се создаде простор кој ќе биде епицентар на креативноста и иновациите во регионот.
Реконструкцијата на објектот е дело на архитектонското студио AKVS, кое победи на меѓународниот конкурс во 2021 година. Проектот предвидува зачувување на оригиналната полукружна структура на зградата, со отворен и проточен внатрешен простор. Внатрешноста ќе биде збогатена со нови елементи како што се галерии и тераси за работни простори, како и мултифункционална сала со капацитет за различни настани, од театарски претстави до концерти.
Објектот на поранешната Ложионица потекнува од крајот на 19. век и бил дел од комплексот на главната железничка станица во Белград. Како таков, претставува важен дел од индустриското и архитектонско наследство на градот. Проектот се стреми да го зачува оригиналниот дух на просторот преку адаптивна реконструкција – спој на старото и новото.
Проектот е дел од поширокиот план за ревитализација на централниот дел на Белград, особено подрачјето околу старата железничка станица и Савскиот амфитеатар. Со тоа се подобрува квалитетот на урбаното живеење, се стимулира економски развој и се враќа животот во некогаш запуштени зони.
Проектот „Ложионица“ претставува пример за успешна трансформација на индустриско наследство во современ центар за култура, иновации и одржлив развој, со потенцијал да стане нов културен симбол на Белград и пошироко. Покрај Експо 2027, како меѓународна изложба што ќе го претстави напредокот во индустријата, иновациите и одржливиот развој, а кој веќе наголемо се гради, и Ложионица ќе го позиционира Белград на светската мапа како сериозен центар на културата и глобалните идеи.
Во ред, а каде сме ние во муабетот? Па никаде. Како Европска престолнина на културата 2028 (што е за две години од сега) ние каскаме зад било кој балкански центар било тоа да е Тирана, Приштина, Софија или Солун. Како некоја транзициска паланка, со физички распсднати културни центри, театри сместени во постземјотресни шупи, се радуваме на концерти на пензионирани групи кој свират по спортски сали, без оснивен кадар по установите, со мизерни буџети доволни за по некоја изложба, заглавени со режиски долгови и блокирани сметки, се р’ваме да преживееме од денес за утре.
Нас не ни е потребна Ложионица, туку системски ресет. Темелни реформи, а не само козметички корекции. Потребни се не само буџети или капитални инвестиции (кои се неопходни), туку и создавање публика, емисии од културата, информации, значи базична едукација со која ќе се создаде стартна позиција, кога веќе немаме никаков континуитет.
Па како тогаш да се поместиме од мртва точка? Уф, за тоа е потребна книга, а не колумна. Секоја власт почнува од почеток, а секоја иницијатива се сведува на празно предизборно лупетање кое испарува на денот на устоличувањето на новата власт.
Пошта
Така, во 2024 година, Владата на Северна објави планови за реновирање и пренамена на зградата на Централната пошта во мултифункционален културен центар. Што ќе рече нашата Ложионица. Нели рековме дека сѐ е веќе измислено, та само треба да ископираме.
Во 2021 година, зградата на Централната пошта беше вклучена на листата на седум најзагрозени споменици во Европа, составена од организацијата Европа Ностра и Европската инвестициска банка. Ова признание го истакна значењето на објектот како културно наследство и ја поттикна потребата за негова заштита и обнова.
Веројатно, согласно тоа Министерството за култура и туризам, во соработка со Министерството за транспорт и врски и Европската комисија, формираше работна група за реализација на проектот, кој беше најавено дека е дел од подготовките за Скопје да стане Европска престолнина на културата во 2028 година.
Зградата на Централната пошта во Скопје, дизајнирана од архитектот Јанко Константинов, е еден од најзначајните примери на бруталистичка архитектура во Македонија. Изградена во 1974 година, таа симболизираше обновата на градот по земјотресот во 1963 година. Меѓутоа, во 2013 година, објектот претрпе сериозни оштетувања поради пожар, при што беа уништени куполите, фреските на Борко Лазески и значаен дел од ентериерот. Од тогаш, зградата остана нефункционална, изложена на дополнителни оштетувања и оставена да пропаѓа.
Дури и во рудименирани услови, во поштата, успеаја успешно да се реализираат неколку културни настани. Можеби тоа било и некоја иницијална инспирација за ваквата пренамена. И сето тоа е во ред. Обновата и пренамената на зградата на Централната пошта во Скопје има потенцијал да стане пример за успешна трансформација на културното наследство во современ мултифункционален просто кој можеби ќе ја подразбуди заспаната културна сцена, па младите наместо да одат на концерти по кафеани и спортски сали или на поетски читања и проекции по молови, можеби ќе почнат да посетуваат културни центри.
ШББ КББ
Но, сѐ ова е ШББ КББ или „шта би било, кад би било“ или преведено на македонски јазик – празни муабети. Универзалната сала (симболот на Скопје нели), остана опожарен куп челик, ЈУ Кочо Рацин илити Дом на градежните, стои во центарот на Скопје како нем сведок на она што некогаш беше скопски ноќен живот и здрава концертна сцена, а поштата остана истото она полураспаднато ругло со руиниран мурал на Борко Лазески.
Е па тоа е драги мои. Празните ветувања ве очекуваат наскоро. Изборите се за брзо, а состојбата е јасна. Изборот е хамлетовски: ќе не биде или ќе заглавиме таму каде сме.