Сабиха Рифат Гурајман – Битолчанката што го изгради мавзолејот на Ататурк и ги проби жените во светот на инженерството
Во историјата на модерна Турција, името на Сабиха Рифат Гурајман е симбол на храброст, иновација и непоколеблива посветеност. Родена во 1910 година во Битола, тогашен Манастир во Османлиската Империја, таа станува првата жена градежен инженер во Турција и остава траен белег во архитектурата и инженерството на земјата.
Сабиха го започнала своето образование во Бешикташ, продолжувајќи во женското средно училиште во Нишанташи, Истанбул. Во 1927 година, таа се запишала на Високата инженерска школа (денешен Истанбулски технички универзитет), станувајќи првата жена студент на оваа институција. Во 1933 година, заедно со нејзината соученичка Мелек Ербул, дипломира и станува една од првите жени инженери во Турција.
Покрај академските успеси, Сабиха беше и првата жена одбојкарка во Турција, играјќи за тимот на Фенербахче, каде што била и капитен. Нејзината страст кон спортот и инженерството ја направи пионер во повеќе области.
По дипломирањето, Сабиха започнува да работи во Дирекцијата за јавни работи во Анкара. Еден од нејзините први проекти бил изградбата на мост во Бејпазари, каде што и покрај скептицизмот на околината, таа успешно го завршила проектот. Мостот, изграден од жена, беше наречен „Киз Копрюсу“ или „Мостот на девојката“ од страна на локалното население.
Најзначајниот проект во кариерата на Сабиха е нејзината улога како главен инженер во изградбата на Анıткабир, мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк. По заминувањето на претходниот надзорник во 1945 година, таа била назначена за главен надзорник на проектот, функција која ја извршува цели 10 години, до завршувањето на изградбата во 1953 година.
Нејзината посветеност и професионализам биле препознаени и надвор од Турција. Грчкиот премиер Софоклис Венизелос, при посетата на градилиштето, изјави: „За првпат во мојот живот гледам жена задолжена за голема работа. Јас навистина Ви честитам“.
По завршувањето на Анıткабир, Сабиха продолжува да работи како технички советник во Министерството за национално образование до нејзиното пензионирање во 1963 година. По смртта на нејзиниот сопруг во 1993 година, таа се сели во Измир, каде што почина во 2003 година на 93-годишна возраст. Целиот свој имот го донираше на Фондацијата при Истанбулскиот технички универзитет и на Фондацијата за основно образование „Февзи Акаја“ .
Сабиха Рифат Гурајман останува инспирација за многу генерации, симбол на женската еманципација и доказ дека со храброст и посветеност, бариерите можат да се надминат.