АктуелноЛокалноСтав

Врсничкото насилство – производ на децениската неказнивост

Став на Жаклина Свеќаровска, Координатор на Сектор Образование на Левица

Некому можеби му изгледа како „детска работа“, но врсничкото насилство е сериозен и сложен општествен проблем. Кога зборуваме за врсничко насилство,  не станува збор за обично недоразбирање меѓу деца, туку за свесно, намерно и повторливо однесување на едно дете или група деца, насочено кон друго дете, со цел да му се нанесе физичка или психичка болка. Насилникот чувствува моќ и триумф, а жртвата – понижување и страв.

Формите на врсничко насилство можат да бидат различни – физичко, вербално или дигитално насилство. Причините, исто така. Од љубомора, семејни проблеми, до внатрешни конфликти кои ни самите насилници не умеат да ги објаснат. Но, прашањето што се наметнува е: зошто овој вид насилство толку драматично се зголемува?

Одговорот е непријатен, но едноставен – затоа што живееме во општество каде што доминира неказнивоста. Децата учат преку набљудување, а кога ќе видат дека возрасните не сносат последици за своите постапки, зошто тие би биле поинакви? Особено ако се земе предвид дека со децении наназад насилниците, криминалците и бандитите живеат лагоден живот. Всушност, неретко тие се идолите на нашите деца!  Оттука, јасно е дека врсничкото насилство е само еден од симптомите на рак-раната што го има нагризано општеството до тежок инвалидитет, а тоа е неказнивоста. Штом слободата се сфаќа  како „право секој да прави што сака без никакви последици“, а не како обврска што оди рака под рака со одговорноста, тогаш проблемот е длабоко вкоренет. 

Тоа што дополнително ја отежнува ситуацијата е начинот на кој училиштата реагираат – или подобро кажано, не реагираат. Наместо да бидат безбедно место, многу училишта стануваат соучесници токму поради премолчувањето и непостапувањето. Лошото менаџирање со вакви ситуации се должи на субјективни и објективни причини. Субјективна причина е потребата да се рефлектира лажен сјај во јавноста од страна на наставникот/училиштето/директорот. Објективна причина е немањето протокол кој јасно и прецизно би ги поврзал сите засегнати и надлежни, а постапувањето по него би било законска обврска. На таков начин и училиштето и родителите и учениците би имале јасна слика за правата и обврските, за постапките и за последиците од нив. 

Работите  би биле поинакви  доколку  постои унифициран, задолжителен протокол што ќе ги поврзува сите страни: наставниците, учениците, родителите и институциите. Секако,  дури и најдобриот протокол нема да помогне ако не постои свест, волја и совест. Решението не лежи само во уште неколку страници хартија, туку во доследноста и неселективната примена на правилата. Насилството не смее да се игнорира, да се заташкува или да се релативизира.

Децата се нашето огледало. Ако сакаме да видиме подобра слика, треба да се погледнеме во неа – прво ние, возрасните.

Z P

Zvezdanka Pesikj