Левица: Советници осудени за клевета поради објавена вистина – Судството целосно под контрола на режимот на ДПМНЕ
Партијата Левица остро реагира на, како што ја нарекува, „втората политички мотивирана пресуда“ против нивни членови, оценувајќи дека судството е ставено во функција на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Според соопштението, Апелациониот суд во Битола ја потврдил осудителната пресуда за клевета против нивните советници во Општина Битола, Горан Велевски и Гаврил Трајковски.
Случајот се однесува на објавување на, како што велат од Левица, „јавни и шокантни податоци за трошење народни пари на угостителски услуги“ во Општина Битола, по што следела тужба за клевета од страна на заменик-градоначалникот Бојан Бојкоски.
„Во духот на вмровскиот режим кој функционира преку закани и заплашувања, нашите советници беа прогласени за виновни само затоа што ја изнесоа вистината“, наведуваат од Левица.
Првостепената пресуда ја донел судијата Александар Илиевски, кој, според Левица, по донесувањето на одлуката бил унапреден во Апелационен судија – што партијата го оценува како „награда за вазален однос кон власта“. Апелациониот суд, пак, составен од судиите Жаклина Доведен, Дејан Крстанов и Ристо Сотиров, ја потврдил пресудата, и тие, како што тврди Левица, биле именувани на позициите на 22 јануари, директно под новата власт на ДПМНЕ.
„Додека илјадници граѓани со години чекаат правна разврска, судиите стануваат експедитивни само кога треба да се спроведе политичка нарачка. Ова е класичен пример на политички прогон под маската на владеење на правото“, се вели во реакцијата.
Левица порачува дека народот ја изгубил довербата во судството не поради статистика, туку поради реалноста – пресуди по нарачка, унапредувања по партиска линија и судии кои, наместо да судат, „слугуваат“.
Партијата бара итна деполитизација на судскиот систем и целосно ослободување на правосудството од, како што велат, партиски канџи.
Целото соопштение во продолжение: