АктуелноЛокално

За влакно избегната трагедија во Суводол – РЕК Битола молчи, државата ја гасне светлината

Поради обилни врнежи, се одрони земјиште во рудникот Суводол – за среќа, без жртви. РЕК Битола без одговор за хаваријата, додека енергетскиот систем се соочува со системска криза и енормни долгови.

Во рудникот Суводол при РЕК Битола деновиве за влакно била избегната трагедија, откако по обилните врнежи се одронила земја на веќе нестабилен терен. Според извори од теренот, се формирало свлечиште со длабочина од речиси 50 метри. Ситуацијата била драматична – вработените во последен момент успеале да се извлечат од местото каде што настанал одронот.

Иако станува збор за сериозна хаварија, од РЕК Битола нема ниту потврда, ниту објаснување за настанот. Истовремено, се појавија и непотврдени информации дека сите три блокови на РЕК Битола привремено престанале со работа, што дополнително ја влошува сликата за енергетската стабилност на државата.

Темница на цела држава – „европски проблем“, ама македонски хаос. Во истата ноќ, речиси цела Македонија со часови остана без електрична енергија. Од МЕПСО соопштија дека се работело за „регионален и европски проблем“, но тоа не ги амнестира институциите од одговорност, особено ако се има предвид дека дел од државниот врв е токму од секторот енергетика. Премиерот Христијан Мицкоски има инженерска и професорска кариера во оваа област, а за првпат државата има и Министерство за енергетика, предводено од Сања Божиновска.

Граѓаните остануваат без одговор – ниту РЕК Битола, ниту Владата не објаснуваат зошто се случуваат хаварии во најкритичните производствени објекти, ниту дали постои реален план за санација и превенција од вакви инциденти во иднина.

Енергетски систем во долгови – државните компании најголеми должници. Покрај хавариите и нестабилноста, финансиската слика на македонската енергетика е алармантна. Според податоците за првиот квартал од 2025 година, најголеми должници кон државата се токму најголемите енергетски компании – сите под државна капа.

Топ 5 должници:

  1. НОМАГАС АД Скопје – 88,4 милиони евра
  2. АД МЖ Транспорт – 74,6 милиони евра
  3. ЈП МЖ Инфраструктура – 60 милиони евра
  4. ЕЛЕМ – 59,1 милиони евра
  5. ЕСМ – Дистрибуција на топлина – 33,8 милиони евра

Вкупниот долг на железничките претпријатија надминува 135 милиони евра, а речиси сите енергетски капацитети работат со милионски загуби и застарена инфраструктура.

Граѓаните плаќаат – институциите молчат. Иако јавноста очекува одговори, реакциите од надлежните институции се минимални. Хаваријата во Суводол, прекинот на струја, блокираниот капацитет на РЕК Битола и милионските долгови се последица на години негрижа и лошо управување со стратешките сектори. Во меѓувреме, граѓаните плаќаат – и со сметки, и со неизвесност, и со темнина.

Z P

Zvezdanka Pesikj