АктуелноЛокално

Левица: Кочанската болница на раб на издржливост – бараме итна интервенција од Владата

По трагичниот настан кој го потресе Кочани, болницата во градот функционира далеку над своите капацитети, предупредува политичката партија Левица. Според сведоштва од пациенти и волонтери, здравствениот персонал со натчовечки напори се грижи за над 120 пациенти во импровизирани и крајно неадекватни услови.

„Пациентите се третираат со кофи и влажни крпи, без специјализирана медицинска опрема, без конкретна финансиска поддршка од Владата, и без никаква психолошка помош“, наведуваат од волонтерскиот кризен штаб „Support Kocani“, чии извештаи досега се единствениот релевантен извор за реалната состојба во болницата.

За споредба, пациентите кои беа испратени на лекување во Бугарија добиваат третман во специјализирани услови со современа медицинска нега, што дополнително ја нагласува здравствената нееднаквост и нефункционалноста на домашниот систем.

Особено загрижува фактот што донираната хипербарна комора, која може да игра клучна улога во третманот на жртвите, не е ставена во полн капацитет. Досега само една пациентка била третирана со неа – со позитивни резултати – но поради недостиг на стручен кадар, уредот останува речиси неупотребен.

„Иако веднаш по трагедијата беше најавено формирање на кризен штаб во рамки на Министерството за здравство, досега нема јасни информации дали тој функционира, ниту пак дали постои план за зајакнување на капацитетите во болницата во Кочани“, се вели во соопштението на Левица.

Од партијата апелираат до централната власт итно да испрати стручен тим кој секојдневно ќе ја следи состојбата во болницата, ќе соработува директно со медицинскиот персонал и ќе обезбеди навремени ресурси, опрема и човечки капацитети.

„Процесот на закрепнување на овие пациенти ќе биде долг и болен. Токму затоа, потребна е итна реакција, организација и реална поддршка од државата, наместо молк и паушални изјави“, предупредува Левица.

Целото соопштение на партијата во продолжение: