(Видео) „Кој е следен?“ со герила акција пред Обвинителството: Се бара неселективна правда и одговорност за системската корупција
Движењето „Кој е следен?“ денеска одржа герила акција пред зградата на Основното јавно обвинителство во Скопје, со која повторно ја актуелизираше потребата од неселективна правда и одговорност за, како што посочуваат, длабоко вкоренетата системска корупција во државата.
Акцијата беше инспирирана од трагичната несреќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа неколку млади животи. Од движењето порачаа дека случајот е само уште еден доказ за опасните последици од корумпираниот систем и институционалната неказнивост.
„Корупцијата и моќта убиваат. Безбедноста е основно човеково право и ние нема да престанеме да се бориме додека институциите не почнат вистински да служат на граѓаните“, истакнаа од „Кој е следен?“ во своето јавно обраќање.
Организацијата апелираше до јавноста и до сите граѓани да се приклучат кон протестните маршеви што ги организираат родителите на загинатите млади во Кочани. Маршевите се одржуваат секоја сабота, точно во 16:05 часот, како потсетник на времето кога се случила трагедијата и како симбол на упорната борба за правда.
Со ваквите активности, „Кој е следен?“ испраќа силна порака дека општеството не смее да молчи пред институционалната неодговорност и селективната правда, и дека е време за системски промени кои ќе гарантираат безбедност, транспарентност и отчетност.