Сведокот што преживеа масакр, не ја преживеа вистината – 12 годишниот Мухамед ликвидиран
Еден од клучните сведоци во истрагата за масакрот врз палестинските парамедици и спасувачи во близина на Рафах беше убиен од израелските сили во понеделникот. Мухамед Бардавил беше единствениот преживеан сведок за присуството на мајор Николај Ашуров и израелските тенкови за време на засадата врз вработен на ОН, кој пристигнал на местото веднаш по убиството на 15-те медицински работници. Мухамед Бардавил имаше 12 години.
Според извештаите, на 23 март 2025 година, израелските одбранбени сили (IDF) отворија оган врз пет амбулантни возила и едно противпожарно возило во областа Ал-Хашашин. Возилата беа уништени и закопани, а телата на парамедиците беа пронајдени во масовна гробница осум дена подоцна. Форензичките анализи покажаа дека жртвите биле застрелани одблизу, со прецизни рани во главата и срцето, што укажува на егзекуција.
Видео снимка пронајдена на мобилен телефон на еден од парамедиците го прикажува нападот, со вклучени светла на возилата и јасни ознаки, што ја контрадиктира израелската верзија дека возилата биле користени од милитанти. По објавувањето на видеото, IDF призна дека нивните војници направиле “грешки”.
Убиството на Мухамед Бардавил, едно 12-годишно дете и единствениот преживеан сведок на масакрот врз палестинските парамедици, не е само уште еден трагичен број во бездушната статистика на војната – тоа е свесен чин на бришење на вистината.
Да се убие дете кое требаше да сведочи, кое преживеало да раскаже за убиството на 15 медицински работници, не е ништо помалку од тивко ликвидирање на правдата.
Во секое цивилизирано општество, сведокот се штити – тука, тој е елиминиран.
Како е можно меѓународната заедница и институциите што се колнат во човекови права да гледаат настрана додека се замолчуваат најранливите? Колку деца треба да бидат убиени пред некој да го нарече ова што е – системско уништување на сведоштвата и организиран атак врз правдата и човечноста?