Левица: Пратеникот Петар Ристески од ДПМНЕ поседува стан во Скопје – а инкасира илјадници евра за патни трошоци
Пратеникот на ДПМНЕ, Петар Ристески, е повторно во центарот на вниманието откако партијата Левица го обвини за злоупотреба на јавни средства преку неосновано наплаќање на патни трошоци, и покрај тоа што, според нивните наводи, поседува стан во општина Кисела Вода – Скопје.
Според Левица, Ристески во 2024 година наплатил над 14.300 евра само за патни трошоци, иако живее во Скопје и има пријавени уште пет лични недвижнини. Дополнително, тие посочуваат дека и во претходниот пратенички мандат, неговите трошоци по оваа основ дури ја надминале неговата годишна пратеничка плата.
Партијата го обвинува Ристески за прикривање на вистинската состојба и користење на привилегиите од функцијата, истакнувајќи дека анкетниот лист покажува дека поседува четири активни сметки преку кои прима плати – три во девизи и една во денари, а дека неговите возила се пријавени со вредност од само 50.000 денари.
„Очигледно е зошто пратеникот губи контрола и реагира со навреди и пцости секојпат кога Левица ќе ги спомне патните трошоци – се обидува да го одвлече вниманието од сопствените злоупотреби,“ стои во соопштението.
Левица исто така тврди дека имаат информации дека Ристески користел возила на приватни компании од Прилеп за патување до Скопје, а сепак наплатувал патни трошоци и амортизација за свое возило.
Партијата отворено прашува дали пратеникот покрај сето тоа – наплаќа и кирија на државна сметка, иако поседува сопствен стан во Скопје.
Левица ја обвинува и Антикорупциската комисија за игнорирање на ваквите очигледни несогласувања, нарекувајќи ја нејзината работа „чисто формално собирање анкетни листови, без никаква проверка на веродостојноста“.
„Сето ова е пример за перверзната алчност што владее во институциите – пратеници кои паразитираат врз грбот на народот, а агресивно напаѓаат кога ќе бидат повикани на одговорност,“ заклучуваат од Левица.