АктуелноЛокално

Дрвокрадец прегази малолетничка во Чучер-Сандево – Нелегална сеча и сообраќајна несреќа. Каде е контролата на органите?

Во четвртокот, 15 мај 2025 година, во селото Чучер-Сандево, се случи сериозен инцидент кога возач на патничко возило „Фолксваген Венто“ со скопски регистарски ознаки удрил во малолетна девојка, жителка на истото село. Несреќата се случила околу 12:15 часот, при што девојчето се здобило со телесни повреди и било пренесено во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за понатамошна медицинска нега.

Возачот, идентификуван како М.Љ. (47) од село Блаце, бил веднаш приведен од страна на полициските службеници на СВР Скопје. При извршување на увидот, полицијата открила дека во неговото возило се наоѓа огревно дрво без соодветна документација, што укажува на нелегална сеча и транспорт на дрва. Дрвениот материјал бил одземен, а за случајот бил информиран јавен обвинител. По целосно документирање на настанот, против М.Љ. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Овој случај уште еднаш ја открива системската немарност на надлежните органи кои, наместо да го спречат нелегалното носење и сеча на дрва, дозволуваат вакви прекршоци да се случуваат и да доведат до сериозни последици по безбедноста на граѓаните. Додека граѓаните се изложени на опасност, контролните служби остануваат неефикасни и бавни, што создава простор за повторување на слични инциденти. Јасно е дека заштитата на јавниот ред и безбедноста мора да стане приоритет, а не само декларативна обврска која останува само на хартија.

Z P

Zvezdanka Pesikj