(Видео) Прес-конференција на Александар Симонов – Член на Президиумот на Левица и Советник во Општина Свети Николе
Александар Симонов, член на Президиумот на Левица и советник на партијата во Советот на Општина Свети Николе, остро ја критикува Владата за состојбата со хидросистемот „Калиманци“, кој годинава не успеа да ги наполни ни минималните капацитети неопходни за наводнување на земјоделските површини.
Во својата прес-конференција, Симонов укажа дека оризопроизводителите во Кочанско веќе се принудени да ги преполовуваат своите посеви, додека земјоделците во Овчеполско и Лозово се соочуваат со целосна неизвесност. Клучниот проблем, покрај сушната година, е распаднатиот систем за наводнување – каналите што со децении пропаѓаат поради незаинтересираноста на сите досегашни влади.
„Иако министерот Цветан Трипуновски најави по 20 милиони евра годишно за инвестиции во наводнувањето, тоа се покажува како уште една дневнополитичка лага“, изјави Симонов, додавајќи дека земјоделците повторно се оставени сами да се борат за егзистенција. Според него, наместо козметички субвенции, потребна е коренита државна политика која ќе го постави земјоделството како врвен стратешки приоритет.
Симонов најави дека Левица, при првиот ребаланс на буџетот, ќе побара итна буџетска интервенција и посветување средства за обнова на системите за наводнување. „Држава која не може да се прехрани самата, станува заложник на увоз и глобални инфлациски шокови“, заклучи Симонов.