Русија се подготвува за нова рунда преговори со Украина во Истанбул
Русија активно се подготвува за претстојната средба со Украина, која е закажана за 15 мај во Истанбул, потврди денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. На прес-конференција, тој изјави дека подготовките се во тек, но не откри дополнителни детали за форматот или составот на руската делегација.
„Руската страна продолжува да се подготвува за преговорите, кои се закажани да се одржат во четврток“, изјави Песков, пренесува руската новинска агенција ТАСС. Тој додаде дека Кремљ во моментов нема да даде други коментари за планираната средба меѓу Москва и Киев.
Средбата во Истанбул следува по иницијатива на рускиот претседател Владимир Путин, кој предложи обновување на директниот дијалог со Украина без предуслови, по прекинот на преговорите во 2022 година. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го прифати предлогот, но инсистираше дека сака директно да се сретне со Путин.
Иако Украина потврди дека ќе учествува на преговорите во Турција, Русија сè уште не прецизирала кој ќе ја претставува на состанокот. Средбата ќе се одржи во услови на зголемени меѓународни напори за деескалација на конфликтот и обновување на дипломатските канали меѓу двете земји.