АктуелноЛокално

Левица трудов сектор: Работнички права во лавиринт – Судот во Радовиш суди различно за исти случај

Трудовиот сектор на партијата Левица излезе со остра реакција на случајот во кој две судијки од Основниот суд во Радовиш донеле спротивставени пресуди за два речиси идентични спора поврзани со правата од работен однос на вработени во рудникот „Бучим“. Случајот фрла сериозна сенка на независноста и доследноста на судската практика, особено кога станува збор за трудови спорови, кои законски треба да се решаваат итно и во корист на заштита на работничките права.

Во конкретниот случај, едната судијка утврдила дека на работниците им следуваат надоместоци и додатоци на плата, додека другата, и покрај идентичен предмет, ги отфрлила истите тужбени барања. Овој судски парадокс дополнително ја разгорува недовербата кај јавноста и кај самите работници, кои веќе се изложени на сериозни притисоци на работното место поради тоа што правно ги бараат своите права.

„Работниците се оставени сами на себе – од една страна се подложени на мобинг и заплашувања на работното место, а од друга страна, се соочуваат со институции кои наместо заштитник, стануваат соучесник во неправдата“, велат од трудовиот сектор на Левица.

Партијата потсетува дека ваквото селективно судење ја подрива и онака разнишаната доверба на граѓаните во судскиот систем. „Наместо судење по закон и слободно судиско убедување, добиваме судски одлуки кои повеќе наликуваат на спроведување на волјата на корпоративната елита. Ова не е независно судство, ова е судство по диктат на капиталот,“ се наведува во соопштението.

Левица потсетува дека нејзините пратеници гласаа за интерпелација на членовите на Судскиот совет, токму поради вакви примери на институционален распад. „Но, очигледно е дека истите продолжуваат ‘како до сега’. Ако судството сака да ја врати довербата на граѓаните, мора да покаже дека е независно и непристрасно, а не продолжена рака на рударски концесионери и корпорации.“

Од партијата бараат веднаш да се истражи зошто дошло до различен судски третман во истоветни случаи и дали има надворешни влијанија врз судскиот процес. Во спротивно, предупредуваат, правото ќе остане само мртво слово на хартија, а неправдата – секојдневие за работникот во Македонија.

Z P

Zvezdanka Pesikj