АктуелноЛокално

Левица: Власта да не чека уште еден фемицид – Веднаш да го поднесе предлогот на Левица кој го отфрли пред шест месеци

По уште еден трагичен случај на убиство на жена, партијата Левица повторно ја повика Владата итно да реагира и да го поднесе нивниот предлог за измена на Кривичниот законик кој, како што велат, беше неоправдано одбиен пред шест месеци. Партијата остро ја обвинува власта за незаинтересираност и политичко одолговлекување, предупредувајќи дека оваа пасивност може да чини нови животи.

Во својата официјална објава, Левица истакнува:


Црната хроника на фемициди и семејно насилство повторно ја разбуди јавноста, но за жал, повторно предоцна. Уште едно убиство на жена беше потребно за властодршците од ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ да сфатат нешто што Левица алармираше уште лани: дека е неопходна измена на Кривичниот законик со која телесната повреда при семејното насилство и насилството врз жени ќе се гони по службена должност, а не исклучиво по предлог на жртвата.


Левица оваа суштинска и животозаштитна измена ја предложи во ноември 2024 година. Но тогаш, парламентарното мнозинство заслепено од ароганција и партиски суети – го отфрли предлог-законот, етикетирајќи ја Левица како „популистичка“.


Истата оваа власт, која без проблем турка обемни и системски закони по скратена постапка, сега, иако најавија ‘ургентни’ измени на Кривичниот законик за конкретната цел – постапката според која го најавуваат законот претставува долга процедура. Според она што го најави министерот за правда Филков, процедурата опфаќа подготовка, консултации, објавување на ЕНЕР и течење на рокови, владини седници, мислења за да стигне до Собрание на седница, а потребната измена се однесува на бришење на буквално пет зборови во член 130, став 5 од Кривичниот законик. Како шо тргнале можда и по редовна постапка да го стават со три читања.


Постапките на оваа власт укажуваат на институционална незаинтересираност што граничи со политичка некрофилија – чекање нова жртва за да воопшто се мрдне со прст. Ниту има превенција, ниту има навремено дејствување – се дејствува дури по трагедија, ако воопшто им текне да дејствуваат.


Доволна беше глумата дека измислиле топла вода – апелираме до власта веднаш, без одлагање, да ја поднесе измената која Левица ја подготви и предложи пред шест месеци, а која тие ја отфрлија.


Ситуацијата е алармантна и недозволиво е да се чекаат уште трагедии.

Од Левица повикуваат на конкретно и итно дејствување, а не на симболични и задоцнети реакции. Според нив, потребата од законска промена е јасна и одамна позната, а отфрлањето на предлогот од политички причини ја чини државата скапо – со човечки животи.

Партијата бара Владата да го прифати нивниот предлог за бришење на дел од член 130 став 5 од Кривичниот законик и веднаш да го внесе во собраниска процедура. Промената, според Левица, не само што е итна, туку е и симбол на тоа дали институциите навистина имаат волја да го спречат следниот фемицид.

Z P

Zvezdanka Pesikj