Левица: Владата на ДПМНЕ го легализира фалсификатот и неписменоста
Партијата Левица остро реагираше на одлуката на Владата донесена на 38-та седница, со која, според нив, се овозможува легализација на фалсификувани јазични сертификати и се укинуваат стандардите за стручност во државната управа. Повод за оваа реакција е случајот со директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Зоран Христовски, кој, како што обвинува Левица, поседувал фалсификуван „TOEFL“ сертификат.
Според соопштението од Секторот за политички систем на Левица, Владата одлучила да ги задолжи сите министерства да предложат измени на законите со кои ќе се заменат меѓународно признатите јазични сертификати со „обични потврди“ за познавање странски јазици. Левица тврди дека овие потврди немаат никаква проверлива вредност и претставуваат „срамен обид“ за институционално покривање на недоволната писменост кај партиските кадри.
„Со овој чекор, Владата признава дека нејзиниот проблем не е недостаток на кадри, туку недостаток на писмени кадри. Наместо санкции за фалсификати, добиваме политичко прилагодување, со кое фалсификатот не се казнува, туку се унапредува во ново правило,“ стои во реакцијата.
Од Левица посочуваат дека оваа пракса претставува продолжување на методите на претходната власт предводена од ДУИ, и дека и покрај тоа што ДУИ веќе не е дел од извршната власт, ДПМНЕ ја презема истата „партократска логика“ на кадровско пополнување на институциите.
Партијата бара итно повлекување на ваквата одлука и санкционирање на сите функционери кои поседуваат фалсификувани документи. „Државата мора да ја водат кадри со знаење, а не со потврди по нарачка,“ се наведува во заклучокот на нивното соопштение.
Целото соопштение на партијата во продолжение: