АктуелноЛокално

Велигденска траума во Битола – Дете нападнато од куче скитник на плоштадот „Магнолија“

На Велигден, додека семејствата го одбележуваа празникот на воскресението, на плоштадот „Магнолија“ во Битола, пред очите на неговата мајка и повозрасното братче, дете на возраст од една година и седум месеци беше нападнато и каснато по лицето од куче скитник.

Немилиот настан се случил нешто после 12:30 часот, додека семејството се враќало од црковна служба и застанале кратко кај споменикот на Филип Втори да си поиграат децата. Според сведоштвото на мајката Моника, државјанка на САД, нападот се случил за миг.

„Се завртев за миг и го видов моето дете веќе на земја, нападнато од кучето. Му ја раскина устата, образот, и целата брада беше отворена до дел под окото. Се собраа луѓе, беа шокирани. Го зедов веднаш и го однесовме во болница“, раскажува со солзи Моника.

Детето е веднаш примено во Клиничката болница во Битола, каде му се санирани тешките повреди. Според медицински извори, за среќа, животот на детето не е во опасност, но траумата – и физичка и психолошка – ќе бара подолготрајно закрепнување.

Фотографијата направена по интервенцијата е одобрена за објавување од мајката, која сака да алармира за опасноста што секојдневно демне на јавните површини во Македонија.

Ова не е изолиран случај. Напротив – Македонија веќе со години се соочува со сериозен, но игнориран проблем со кучињата скитници. Податоци од неколку општини укажуваат на континуиран пораст на бројот на кучиња на улиците, а најзагрозени се децата и повозрасните. Во некои градови, како Скопје, Битола, Велес и Куманово, бројот на улични кучиња достигнува неколку илјади, со стотици пријавени каснувања секоја година.

Иако многу од овие кучиња се маркирани со ушни обетки – што значи дека се вакцинирани и стерилизирани – тоа не значи дека не можат да нападнат. Маркирањето не е гаранција за мирно поведение. Локалните самоуправи, законски обврзани да обезбедат контрола и грижа за скитничките животни, честопати немаат доволно капацитети, прифатилишта или волја за системско решавање на проблемот.

Според Законот за заштита и благосостојба на животните, државата има обврска да го решава проблемот хумано – преку згрижување, стерилизација и вдомување. Но во пракса, сè се сведува на импровизирани решенија и декларативни заложби. Граѓаните се оставени сами да се справуваат – некои со страв, некои со сочувство, а некои и со гнев.

Настанот од Битола е само уште една болна потврда дека неделувањето чини – понекогаш и со лузни кои ќе останат цел живот. Додека институциите одбиваат да проговорат со конкретни мерки, уште многу други деца играат на плоштади во сенка на потенцијална опасност.

Z P

Zvezdanka Pesikj