Ванковска: Во време на санкции од „непријателите“ ЕУ доби царини од „пријателите“
- Пишува: Билјана Ванковска – Доктор на политички науки, редовна професорка и раководителка на последипломските студии по Мир и развој на Филозофскиот факултет во Скопје. Професор е и на Европскиот мировен универзитет во Шлајнинг, Австрија.
Царинското интермецо од 90 дена кое „по милоста на Трамп“ е во сила (и истекува брзо) ги става пред сериозна дилема европските економии. Царината од 20 отсто виси како Дамоклов меч врз економската сфера која е и онака во надолен тренд, забрзан со бранот на милитаризација.
Европа веќе нема компас ниту стратегиска визија. Нејзиниот зачеток беше и остана врзан за геоекономијата и благосостојбата, а од инаугурацијата на Трамп прави пресврт од 180 степени – кон воен кензијанизам и јакнење на воената агенда. Но, цената на повеќедеценискиот синдром на зависност од САД (не само воена, туку и економска) сега станува превисока. Бракоразводната (геополитичка) парница (особено во делот на безбедноста, односно НАТО гаранциите) оди грдо, како и секоја друга. Унијата, којашто пред големата криза од 2008 година, имаше за себе мегаломански визии, сега сфаќа дека (како што вели старата изрека) ги ставила сите јајца во една кошница. Едно сопнување, грешка во чекори или казна – и сите се кршат одеднаш.
Она што им преостанува како опција е да одат во Вашингтон да „молат и да бакнат рака“ (фраза која ја користам за да не бидам вулгарна како Трамп, кој кажа што прават таму странските лидери) – или да се свртат кон Кина. Пред неколку дена, кинескиот претседател Си Џинпинг понуди рака за соработка и зголемена трговија. Го видовме и шпанскиот премиер во посета на Кина, па се поставува прашањето дали можеби преговарал не само во име на својата земја, туку се нуди и како посредник меѓу Брисел и Пекинг. Од друга страна, италијанската премиерка Џорџа Мелони одлучи да се сретне со Трамп во обид да го направи Западот повторно голем.
Се разбира, оската на судирот е на релација САД и Кина, двете економски најмоќни нации. Сите останати се навидум оставени да го чекаат исходот од веќе бесмисленото наддавање во вид на што поголеми царини. Тие веќе немаат никаква економска функција, туку се претвораат во оружје (вепонизирање, како што гласи англицизмот). Кој прв ќе трепне? Кој ќе попушти? Си Џинпинг е во право кога предупредува дека во војната на царините или трговската војна не може да има победници, но неговиот ривал во Белата куќа вети „златно доба за САД“, по секоја цена, па и по цена која ќе ја плати работничката класа на САД.
Неодамна ми поставија прашање како во оваа невозможна ситуација ќе се постави ЕУ (или Европа, како што во последно време го нарекуваме хибридниот сојуз во кој улога има и Обединетото кралство). Одговорот не е едноставен. Пред само неколку години, кога Евро-атлантската алијанса тврдеше дека никогаш не била пообединета и посилна, Урсула фон дер Лајен изјави дека Кина претставува не само ривал, туку и опасност. Како одговор таа понуди „решение“ во вид на „раздвојување“ (de-coupling). Истата жена, носителка на извршната власт на ЕУ, во познатото интервју за германскиот медиум Цајт (Zeit) даде сигнали дека Западот каков што го познававме е мртов и дека новата ЕУ ќе мора да се отвори кон светот.
Според неа, „светот денес стана глобален и на геополитички план, а нашите мрежи на пријателство денес се протегаат низ целиот свет, што може да се види и од дебатата за царините. Еден позитивен ефект од тоа е што во моментов водам безброј разговори со шефови на држави и влади од целиот свет кои сакаат да соработуваат со нас во градењето на новиот поредок. Тоа важи од Исланд до Нов Зеланд, од Канада до Обединетите Арапски Емирати, исто како и за Индија, Малезија, Индонезија, Филипини, Тајланд, Мексико и Јужна Америка. Во моментов, би можела да ги водам овие разговори 24 часа на ден. Сите бараат повеќе трговија со Европа – и тоа не се однесува само на економските врски. Станува збор за воспоставување заеднички правила, но и за предвидливоста. Европа е позната по својата предвидливост и доверливост, што повторно почнува да се смета за нешто многу вредно“.
Тука е важно да се нагласи дека економските прашања, вклучително и трговската политика, спаѓа во т.н. супранационална надлежност на Унијата, т.е. сферата во која се одлучува на ниво на ЕУ, а не на национално ниво. (За потсетување, на ум паѓа познатата реплика на поранешниот германски министер Шојбле во разговорот со грчкиот колега Варуфакис во 2015 година: нам не ни е грижа за вашата демократија, морате да ги почитувате финансиските правила на Унијата! Поточно, „изборите не смее да се дозволи да ја менуваат економската политика“.) Но, сега пред себе имаме разединета Унија, која едвај и да има прашања околу кои е едногласна. Кога ќе дојде до егзистенцијални прашања, нациите ќе посегнат (а веќе и посегаат) по суверенистички потези без оглед на мислењето на Евроската комисија и претседателката без демократски легитимитет.
Во некоја хипотетичка ситуација во која би владеел здравиот разум и рационалниот избор, Унијата би требала и можела да размислува за економско „одвојување“ од САД, и ослободување од зависноста, така што би се свртела кон реалноста на мултиполарниот свет. Тука мислам на земјите на БРИКС (и првенствено Кина), кои исто така размислуваат за решенија кои ќе го надминат остатокот од мандатот на Трамп. Тоа е еманципација од Бретон Вудс, од доларизацијата и свртување кон навистина слободна трговија во добра волја и за општа полза. Ако германската економија пропаѓа, може да замислите што се случува во послабите држави. Поентата е дека малку нешто во рамки на ЕУ може да се произведе без компоненти произведени во Кина. ЕУ ѝ треба на Кина, колку што и Кина ѝ е потребна на Унијата. Големите можности на инфраструктурниот проект „Појас и пат“ се протегаат од Пекинг, низ повеќе артерии, сè до ЕУ. И обратно. Ова би било „најдоброто сценарио“, кое би имало ефект и врз САД, без оглед кој седи во Белата куќа. Светот е мултиполарен, и во него има место за сите, доколку ги почитуваат правилата.
За жал, морам да завршам со брутален реализам: ни ЕУ не е веќе онаа која ја познававме. Иако Урсула зборува за неа како за „мировен проект“ (правејќи споредба со САД), во нејзината родна земја фабриките за автомобили се пренаменуваат за производство на тенкови. На насловните страници на водечки весници се популаризираат тримесечни курсеви за воена обука на младите луѓе. Се издаваат упатства за воени резерви по домовите, прирачници за случај на (нуклеарна?) војна, итн. Тука е и непоколебливоста во поддршката на Украина (од која се очекува да ја победи Русија?!). Оваа Унија веќе не е мировен проект, а економски се престројува во воена индустриска база. Гледано од балкански аспект, фотографијата на бугарскиот премиер кој се ракува по склучени зделки со директорот на германскиот воен гигант Реинметал, буди кошмарни сеќавања за она што веќе сме го виделе. Кога ЕУ беше во економски подем, социјалниот статус беше „повеќе путер за населението, а помалку оружје“. Тоа сега е невозможна мисија. Не може да зборувате за глобална соработка, а да станувате мини-копија на милитаристичката Империја на другата страна на океанот.
Во лична комуникација, колега кој е одличен познавач на американско-кинеските односи, укажа дека приближувањето до Кина за Европа би било од голем интерес. Но, гледано на покус рок, тој смета дека „имајќи во вид дека европските лидери генерално капитулираат пред САД, поверојатно е дека повторно ќе си нанесат сопствена штета со погрешниот избор“. Ова е навистина точно, имајќи ја во вид самоубиствената политика на ЕУ кон војната во Украина, која продолжува наспроти сè. Реалистичната проценка е дека ЕУ на крајот ќе продолжи да ги исполнува главните барања на САД, но ќе се обидува по малку да ги „измазнува рабовите“ за да добие одредени погодности од Кина, но само за помали прашања.
Гледано на подолг рок, една уште поостра и продорна порака дојде од неочекуван извор. Млад Кинез им се обрати на неговите американски врсници на ТикТок: „Не ја обвинувате Кина за вашите проблеми. Вам не ви треба трговска војна — вам ви треба револуција.“ Пораката одекнува многу пошироко од САД — време е и Европејците да размислат и да се прашаат каде се упатиле.