Ленка: Нема плати за вработените во железници, додека 12 милиони евра се трошат за невладините на власта

Веќе петти ден штрајкуваат вработените во Македонски железници поради неисплатен втор дел од октомвриската плата. Ова е втор штрајк во последните 30 дена, додека штетата од стоењето на товарните возови за седум дена изнесува околу 20 милиони денари за Железницата.

За проблемот со неисплаќањето на платите треба да каже менаџментот. Наше е да работиме, нивно е да најдат средства да ни исплатат плата. Нивното објаснување е дека нема пари. Или немаме работа или имаме преврабтеност. Ние знаеме дека нашето сме го изработиле, вели Душко Чакаровски, претседател на Независниот синдикат на машинскиот персонал во Железницата – Транспорт.

Тој вели дека економското работење е на менаџментот и дека факт е дека има штети. Но, возовите стојат и по граница затоа што државата нема локомотиви. „Огледало на државата е железницата“, дециден е синдикалецот.

Со Македонски железници директорува Аднан Азизи, кадар од Беса, кој во изјава потврди дека актуелната влада во последните пет години нема остварено ниту една капитална инвестиција во ова јавно претпријатие. Иако, поради погрешно водени политики од страна на партиски поставениот менаџмент ова претпријатие тони во долгови, од Алсат оваа година објавија дека Македонски железници ќе се подноват со лимузина од 68.000 евра.

Поради штрајкот во железничкиот сообраќај, четири села во велешко се отсечени од цивилизација. За да стигнат во Велес, жителите на овие планински села, оддалечени само неколку десетици километри од центарот на Велес, над Таорската клисура, пешачат до железничката станица Рајко Жинзифов, од каде што со воз продолжуваат во градот. Но сега, поради штрајкот на машиновозачите, возови нема.

За штрајкот на вработените реагираа од здружението за социјална правда „Ленка”, од каде напишаа дека „ова сценарио е добро познато од мрачната транзиција, која ја спроведоа токму социјал-демократите.”

„Намерно и плански уништување на државните капацитети, кои со децении биле профитабилни и функционални, со цел приватизација од капиталот кој ја финансира токму оваа олигархиска партија.” – стои во објавата на фејсбук, при што дополнуваат дека само во предлог-буџетот за 2022 предвидени се 12 милиони евра за невладини организации кои се продолжена паразитска рака на власта.