АктуелноЛокално

Изложбата „Визии-Глава полна со луѓе“ на Родољуб Анастасов вечерва во Гевгелија

Вечерва, во уметничката галерија „Амам“- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Визии-Глава полна со луѓе“ на доајенот на македонското сликарство, Родољуб Анастасов. Ќе бидат претставени 20-30 портрета од серијата цртежи изработени во техника молив. Куратор на изложбата ќе биде Јасминка Намичева, автор на неформалната мрежа на музеи „МузеумЛинк“.

Серијата цртежи се пресврт во неговото уметничко творештво. Цртежите се работени меѓу 2016 и 2022 година, во техника молив и молив во боја на хартија, во мали формати. Тие ни претставуваат еден сосема поинаков Анастасов, каков што не би ни очекувале со оглед на неговата повеќе децениска потполна посветеност на нему омилениот циклус Човек и простор со кого стекна меѓунароен углед. Во оваа серија цртежи со мноштво портрети/ ликови во еден цртеж, станува збор за портретирање луѓе според записите на нивните ликови во меморијата на уметникот. Тоа е рационално осмислен уметнички проект, иако е произлезен од драматични настани и состојби во животот на уметникот што се случиле во 2008 година.

Гостувањето на изложбата во Гевгелија е соработка помеѓу НУ Музеј- Гевгелија и неформалната мрежа на музеи „МузеумЛинк“ и е дел од манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.