Мециновиќ: Љутков ја продава историјата – културата не е за профит, таа е за народот
Пратеникот на Левица Амар Мециновиќ остро реагираше на изјавата на министерот за култура, Зоран Љутков, кој најави можност културното наследство да се префрли под управување на приватни бизниси. Мециновиќ во јавната реакција ја нарече оваа идеја „чин на незамислива штета“ и „озаконета комодификација на колективната меморија“.
„Изјавата на министерот Љутков буквално нема еквивалент во својата небулозност“, вели Мециновиќ, предупредувајќи дека со оваа најава Владата оди кон „отворена економска експлоатација на културното наследство“.
Во фокусот на критиката е најавата за законски измени кои би овозможиле владините институции да го префрлат управувањето со културното наследство на приватни субјекти. Љутков, според досегашните информации, смета дека „приватниот сектор може да направи бизнис“ од наследството, што, според Мециновиќ, претставува директна опасност за јавниот интерес, културниот суверенитет и пристапот на граѓаните.
„Она што е по дефиниција заедничко и заштитено јавно добро ќе го претворат во производ, бидејќи ненаситното не може да се засити“, пишува Мециновиќ во својата реакција, додавајќи дека „буквално сакаат да ја комодифицираат колективната меморија, она кое е акумулиран идентитет на народот“.
Мециновиќ детално објаснува дека ниедна европска држава не го применува моделот што го предлага македонската влада. Споменувајќи ги примери од Италија, Франција, Велика Британија и Грција, тој истакнува дека во ниту една од нив не е дозволена приватизација или долгорочна комерцијална експлоатација на културното наследство.
„Во Италија, сопственоста и контролата остануваат под државата. Франција има само еден договор со друга држава, Велика Британија дозволува учество на добротворни организации, а Грција дури и донесе закон за да спречи вакви идеи. Само нашата авантуристичка влада мисли дека културата е на изнајмување“, нагласува Мециновиќ.
Крајниот став е јасен – културното наследство не му недостасува вредност, туку му недостасува одговорно и професионално управување. Според Мециновиќ, идејата на Љутков претставува „радикално откажување од државната улога и одговорност“, со опасност од губење на суверенитетот врз културниот наратив.
Министер кој културното наследство го сведува на бизнис-модел, не само што ја погазува суштината на јавниот интерес, туку отвора врата за трајно приватизирање на колективната меморија и историското ткиво на народот. Наместо да вложува во институционална заштита, научно истражување и достапност за сите граѓани, тој предлага модел што ќе го отуѓи наследството од заедницата, ќе го стави под диктат на профитот и ќе создаде нова класа на сопственици врз она што никогаш не смеело да биде ничија сопственост. Тоа не е реформа, туку културна капитулација.