Папазов на барање на обвинителството во куќен притвор – Продолжува истрагата за трагедијата во Кочани
По барање на Јавното обвинителство, судот одлучи да ја замени мерката притвор со куќен притвор за поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој поднесе оставка по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“. Истата мерка е изречена и за уште тројца осомничени: поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, еден инспектор од Инспекторатот и член на обезбедувањето на дискотеката.
Во куќен притвор се наоѓаат и претходниците на Папазов, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, додека поранешниот министер за економија Крешник Бектеши останува во притвор уште 30 дена.
Во рамките на истрагата, веќе беа опфатени и други поранешни министри за економија: Ваљон Сарачини и Беким Незири се во куќен притвор, а за Дритон Кучи се изречени мерки за претпазливост.
Судот во Кочани во меѓувреме ги разгледува и жалбите на 12 осомничени лица во случајот кој ја потресе јавноста.
По објавените информации во медиумите дека обвинител се повлекол од случајот поради политички притисоци, Јавното обвинителство денеска категорично демантираше такви наводи:
„Ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци или несогласувања со правната квалификација. Обвинителскиот тим постапува синхронизирано и непрекинато се преземаат дејствија“, стои во соопштението на Обвинителството.
Од друга страна, ДУИ претходно соопшти дека обвинител бил повлечен од предметот поради несогласувања и партиски влијанија од коалициските партнери во Владата.
На 12 април, обвинителството ја прошири истрагата на дополнителни 19 лица, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Со тоа, вкупниот број на осомничени изнесува 45 физички и 3 правни лица.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани однесе 61 човечки живот, од кои шест деца, а 197 лица беа повредени, меѓу кои 25 деца – трагедија која сè уште го потресува целото општество.