АктуелноИнтернационално

Кина го игнорира Трамп: Одбива да учествува во „играта на броеви“ со американските царини

Кина денес изјави дека нема намера да реагира на, како што ги нарекува, американските „игри со бројки“ кога станува збор за царинските мерки, откако Белата куќа соопшти дека Пекинг моментално се соочува со комбинирани царини кои достигнуваат дури 245 проценти.

Според соопштението од Вашингтон, новите американски мерки вклучуваат реципрочна царина од 125 проценти, дополнителни 20 проценти поврзани со кризата со фентанил, како и различни царини меѓу 7,5 и 100 проценти за стоки кои, според САД, се резултат на „нелојални трговски практики“. Овие податоци беа објавени во контекст на заострените трговски односи меѓу двете најголеми светски економии, пренесува Ројтерс.

Претседателот Доналд Трамп, кој повторно ги интензивира трговските мерки, воведе дополнителни царини за стоки од повеќе земји, но подоцна делумно ги повлече тие мерки, со исклучок на Кина, која останува под строги трговски ограничувања.

Во реакција на американските потези, Пекинг возврати со сопствени царини за американски производи и ја одби можноста за нова рунда преговори. Кинеските власти нагласуваат дека какви било разговори за трговски договори ќе бидат можно само доколку се одвиваат на база на меѓусебно почитување и рамноправност.

Покрај тоа, Кина минатата недела поднесе нова жалба до Светската трговска организација (СТО), обвинувајќи ги САД за прекршување на правилата на меѓународната трговија и изразувајќи „длабока загриженост“ поради воведените царини.

Во знак на промени на дипломатски план, Кина неочекувано го смени својот главен трговски преговарач. Досегашниот Ванг Шоувен е заменет со Ли Ченгганг, актуелниот амбасадор на Кина во СТО, што се толкува како сигнал за можна нова стратегија во кинескиот пристап кон глобалната трговија.

Од страна на американските власти, се нагласува дека претседателот Трамп е отворен за постигнување нов трговски договор со Кина, но смета дека иницијативата треба да дојде од Пекинг. Според изјави од Белата куќа, „Кина има потреба од американски капитал“, што ја засилува позицијата на Вашингтон во преговорите, пренесува Танјуг.

Меѓутоа, во време кога други земји активно работат на билатерални трговски договори со САД, Пекинг останува на резервиран став и одбива да учествува во, како што велат, еднострани игри на притисок и бројки.