АктуелноЛокално

Левица: Затворена кардиохирургија без да обезбеди алтернатива – оставка на Таравари за пропустот со трагичен исход

Партијата Левица денеска остро реагираше по повод трагичниот случај на починат пациент на Клиниката за кардиохирургија, обвинувајќи ја Владата и министерот за здравство Арбен Таравари за „неодговорност, некомпетентност и непростлив пропуст“ во менаџирањето на здравствениот систем.

„Министерот Таравари, без да обезбеди соодветна алтернатива, дозволи затворање на единствената ангиографска сала на Клиниката за кардиохирургија, при што пациент со животно загрозувачка состојба не доби потребна интервенција и почина“, се наведува во соопштението на Левица.

Според партијата, извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат го потврдил фактот дека не само што салата била затворена поради реконструкција, туку клиниката воопшто не располагала со потребни стент-графтови за интервенции на аортата – витални за спасување животи.

„Да се затвори клиника без да се обезбеди алтернатива во јавниот или приватниот сектор, е ништо друго освен крајна неспособност. Ако веќе приватните болници добиваат огромни суми од Фондот за здравство, зошто не беа подготвени да преземат вакви случаи?“, прашува Левица.

Партијата остро го критикува и однесувањето на Таравари, оценувајќи го како „ноншалантно и манипулативно“, особено по изјавите дека „едната сала работела“ и дека ќе го прочита извештајот од инспекторатот дури по медиумските реакции.

„Или не знае што се случува во системот што го раководи, или свесно го игнорира. Во двата случаи, оставката е единствена логична последица“, стои во соопштението.

Левица потсетува и на други, како што ги нарекуваат, здравствени скандали под раководство на Таравари, вклучувајќи ја кризата со недостиг на онколошки лекови и сомнителните тендерски постапки.

„Нема да дозволиме оваа катастрофална здравствена политика да се амнестира поради коалициски договори. Животите на граѓаните не се монета за политички мир“, предупредуваат од Левица и бараат итна и неотповиклива оставка од министерот Таравари.

Целото соопштение на партијата во продолжение: