АктуелноЛокално

„И зошто ми иде да плачам ко дете…“ – Кога тишината зборуваше гласно, Вардар и Црвена Ѕвезда одиграа за Кочани

Националната арена „Тодор Проески“ вчера не беше само стадион – беше светилник на солидарноста, болката и човечката блискост. Токму еден месец по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога животот на млади луѓе беше сурово прекинат во оганот на невниманието и безгрижието, фудбалскиот клуб Вардар во соработка со Црвена Звезда организираше хуманитарен натпревар во нивна чест.

Натпреварот започна со минута молк. Но, таа минута беше гласна. Во таа тишина одекнуваа гласовите на мајките, на другарите, на празните столчиња што останаа зад нив. Полн стадион – а срцата тешки. Над 20.000 гледачи – а во воздухот мирис на солзи и слава.

Навивачката група „Комити“ ја претвори западната трибина во поетско платно.

Стихот на Блаже Конески, „И зошто ми иде да плачам ко дете, да превијам раце, да прекријам лик“, се разлеа како ехо над стадионот.

Поезијата стана тивок протест, крик без звук, молитва за душите што не се вратија дома.

Кореографијата посветена на Кочани – симболична, достоинствена, грандиозна – покажа дека фудбалот знае да биде повеќе од спорт, знае да биде болка, сеќавање, чест. „Комити“ им се заблагодарија на сите земји кои помогнаа по трагедијата, испишувајќи „благодарам“ на повеќе јазици, како што и солзите немаат јазик.

И додека Европа го игра своето фудбалско шоу со реваншите од Лигата на шампиони, во Скопје се одигра натпревар кој не влезе во статистиките, но ќе остане во колективната меморија. Зашто не се работеше за голови, туку за гласноста на тишината.

Зашто вчера, македонскиот фудбал – и сите што беа таму – зборуваа со срце.

Z P

Zvezdanka Pesikj