АктуелноЛокално

Хируршката сала на Кардиохирургија е затворена поради набавен 3 тони тежок апарат – за да не ни се случи „натстрешница“?!

Хируршката сала број 2 на државната Клиника за кардиохирургија е привремено затворена поради сериозен технички пропуст: наводно, Министерството за здравство набавило високотехнолошки апарат за компјутерска томографија тежок околу 2.250 килограми, без претходно да провери дали конструкцијата на зградата може да ја поднесе тежината.

Според документите што ги обезбедил „Слободен печат“ од укажувачи, станува збор за „Сименс“ апарат, наменет за интеграција во хибридна ангиографска сала. Но, откако апаратот бил набавен преку тендер на 6 ноември 2024 година, дополнително следеле два договори за донација со фирмата-добитник, кои го поттикнале сомнежот дека конструкцијата на спратот не е доволно цврста за да го издржи апаратот.

Како донација, истата фирма извршила две независни испитувања на состојбата на армирано-бетонската плоча под оперативната сала, каде била утврдена потреба од зајакнување. И покрај овие интервенции, салата е сѐ уште надвор од функција, оставајќи ја клиниката без клучен простор за изведување интервенции.

Затворената сала веќе има последици. Семејството на 57-годишниот пациент Тони Ангелковски обвини дека токму поради неработењето на оваа сала, не му била извршена итна интервенција – реконструкција на аортата. Пациентот починал на клиниката, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат потврди дека ангиографската сала не функционирала повеќе од еден месец и дека во моментот на интервенцијата немало ниту потребни медицински материјали како стент-графтови.

Според информациите на „Слободен печат“, ангиографската сала ќе остане затворена најмалку до 15 мај.

Министерството за здравство, иако било контактирано со конкретни прашања, сѐ уште не одговорило на следните дилеми: дали навистина е купен апарат без да се провери носивоста на конструкцијата, и дали тежината од околу 3 тони навистина ја надминува дозволената граница од 2 тона што може да ја издржи спратот?

Додека се чека официјален одговор од министерот за здравство Арбен Таравари, останува отворено прашањето – дали можело да се спречи затворањето на салата и потенцијалните трагични последици од една, наизглед, техничка небрежност?

Веста е превземена од Слободен Печат