АктуелноЛокално

Студот ги замрзнал инвестициите: Министерката Кочоска го оправда слабиот старт на капиталните проекти со студеното време

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, призна дека реализацијата на капиталните инвестиции во првиот квартал од 2025 година е под 10 отсто – но причината, според неа, не е недостиг на волја или организација, туку… студеното време.

„Во јануари и февруари времето беше студено, а како што знаете, најголем дел од капиталните расходи се поврзани со инфраструктура. Очекувам зголемена реализација во следните месеци“, изјави министерката, одговарајќи на новинарски прашања при одбележувањето на Денот на Царинската управа.

Од предвидени 47,2 милијарди денари за капитални расходи во годинешниот буџет, заклучно со 8 април се реализирани само 4,49 милијарди – нешто под 10 отсто. И покрај слабите бројки, Димитриеска-Кочоска уверува дека се работи според план и дека вистинскиот импулс допрва ќе дојде.

Министерката го искористи моментот да ја претстави и новата методологија за евидентирање на капиталните трошоци, според која се избегнуваат „вештачки прикажувања“ – како што таа ги нарекува исплатите за гаранции и аванси кои претходно се третирале како капитални расходи.

„Сега сме повнимателни – сè што не е реална имплементација на проект, оди под линијата. Тоа значи дека денес имаме почиста слика за тоа што навистина се реализира на терен. Ако ги вратиме старите категории во сметките, ќе видите дека имаме поголема реализација отколку лани“, истакна министерката.

Со оваа реторика, Министерството се обидува да внесе доза на оптимизам во јавноста, но скромната реализација во првите месеци – во комбинација со временските услови како главна причина – веќе ги отвора прашањата дали навистина е можно да се надомести изгубеното време до крајот на годината.

Останува да се види дали потоплото време ќе ги стопи и административните пречки и ќе донесе видливи резултати на терен, или и оваа година ќе заврши со амбициозни бројки на хартија и празни градилишта во реалноста.