Левица предупредува: Системска деградација на државната енергетика поради одливот на стручен кадар
Партијата Левица остро реагира на, како што велат, долгогодишната и системски водена политика на деградирање на државните енергетски компании, што резултира со масовен одлив на стручен кадар. Според нив, оваа состојба е директна последица на свесна стратегија со која платите на инженерите и другите експерти во јавниот енергетски сектор намерно не се зголемуваат, со цел истите полесно да преминат во приватни компании.
„Државата со години инвестира во знаење, време и пари за да подготви стручни кадри, кои потоа, поради мизерни услови, преминуваат во приватниот сектор. А потоа, преку тендери и надворешни договори, државните компании ги преплаќаат истите тие лица – но сега како приватни консултанти,“ посочуваат од Левица.
Партијата предупредува дека ова води кон сериозна ерозија на енергетската стабилност и техничката способност на државата, особено со оглед на тоа што голем дел од постојниот кадар е во поодминати години и наскоро ќе замине во пензија. Наместо да се работи на подмладување и пренесување на знаењето, младите инженери се принудени да заминат во приватниот сектор или да ја напуштат земјата.
Дополнително, Левица ја критикува и практиката на вработување по партиска и етничка основа, што според нив води до партизација на стратешките институции и дополнително ја поткопува стручноста и ефикасноста на јавниот енергетски систем.
Партијата повикува на итни мерки:
- Зголемување на платите на стручниот кадар во јавните енергетски компании;
- Запирање на злоупотребите со надворешни договори и консултантски услуги;
- Разработка на стратегија за задржување и развој на домашен стручен кадар;
- Отфрлање на партиската и етничката логика при вработувања во енергетиката.
„Ако дозволиме одливот на стручни кадри да продолжи, државата ќе се соочи со колапс на енергетскиот систем и губење на контролата врз енергетските ресурси,“ порачуваат од Левица.
Целото соопштение на партијата во продолжение: