АктуелноЛокално

Левица: Пајазити исполнува два од двата основи за разрешување – Судски совет одлучи да остане судија

Политичката партија Левица денеска излезе со реакција на одлуката на Судскиот совет да не го разреши судијата Пајазит Пајазити, туку да му изрече дисциплинска мерка со намалување на платата за 30%, и покрај, како што велат, сериозните пропусти во неговото работење.

Во соопштението, Левица посочува дека Пајазити ги исполнува двете основи предвидени со закон за разрешување од судиската функција – нестручно и несовесно работење, како и потешка дисциплинска повреда. Меѓу главните критики е и одлуката на Пајазити да одреди куќен притвор за припадникот на УЧК, Блерим Рамадани, кој беше баран со потерница од Интерпол, по што истиот избега во Косово. Според партијата, ваквиот „пропуст од меѓународни размери“ не донел никаква одговорност од ниту една институција.

Левица исто така обвинува дека Пајазити не ја исполнил законската обврска за пријавување на имотната состојба, бидејќи неговото име не се наоѓа во регистарот на ДКСК, што е сериозен индикатор за можни злоупотреби и нетранспарентност.

Партијата дополнително го обвинува судијата за серија други спорни одлуки, вклучувајќи и бегството на Беким Незири и други лица вмешани во инцидентот во М-НАВ, како и условната казна за поранешниот народен правобранител Иџет Мемети, кој признал дека примал мито. Исто така, му се забележува и за доцнење со наредбата за приведување на поранешниот премиер Никола Груевски, што, според Левица, било клучно за неговото бегство од земјата.

„Оваа одлука на Судскиот совет дополнително ја продлабочува недовербата во судството и отвора широка врата за нови случаи на корупција“, се вели во соопштението на Левица, со кое се повикува на одговорност и ревизија на одлуката за останување на Пајазити на судиската функција.

Целото соопштение на партијата во продолжение: