АктуелноЛокално

Кардиохирургија без хируршка сала и стентови: Пациент почина – инспекцијата потврди сериозни пропусти

Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) потврди сериозни пропусти на Клиниката за кардиохирургија, каде што почина 57-годишниот Тони Ангелковски, пациент со дисекција на аортата, кој не ја доби неопходната интервенција – бидејќи клиниката немала ни ангиографска сала, ни медицински материјали за третман.

Инспекцијата, која во текот на вчерашниот ден изврши повеќечасовен надзор, потврди дека ангиографската сала на Клиниката не функционирала речиси еден месец, а потребните стент-графтови за интервенција на аортата – исто така недостасувале. Салата нема да биде функционална најмалку до 15 мај, што значи дека и во наредниот период, вакви случаи нема да може да се третираат таму.

Ангелковски првично бил дијагностициран во ГОБ „8 Септември“ со дисекција на торакоабдоминалната аорта, но и покрај сериозноста на дијагнозата, бил префрлен на Кардиохирургија – каде немало услови за интервенција. Тоа покажува отсуство на координација меѓу јавните здравствени установи, што резултирало со загуба на човечки живот.

Во отпусното писмо од Клиниката, стои дека TEVAR – тораколна ендоваскуларна аортна реконструкција – била предложена како третман, но недостигот на опрема и нефункционалната сала го оневозможиле тоа. И Торакалната клиника не располагала со потребниот материјал и опрема, ниту изведувала интервенции на торакална аорта.

Како алтернатива, семејството било упатено да побара второ мислење во приватна установа, но таму им биле побарани високи суми за третманот. Кардиохирургија предложила и лекување во странство преку Фондот за здравствено осигурување, но пациентот починал пред постапката да биде реализирана.

Дополнително, според извештајот од ДСЗИ, пациентот имал оштетен срцев залисток што го правело неподобен за отворена хируршка интервенција – уште една причина зошто била неопходна ангиографската сала која не била во функција.

Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека ќе го прочита извештајот, иако првично тврдеше дека сала имало. Тој најави формирање на стручна комисија која ќе утврди одговорност.

„Одговорност ќе има, ако имало пропусти“, рече Таравари, оставајќи отворено прашањето: ако денес пристигне нов пациент со иста дијагноза, каде ќе се оперира?

Случајот ги отвора старите рани на јавниот здравствен систем – недостиг на координација, ресурси и транспарентност – со последици што, за жал, во овој случај беа фатални.