АктуелноЛокално

Оспорени кандидатури за Програмскиот совет на МРТВ – дел од членовите веќе 11 години на функција

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната јавна расправа во Собранието, јавно ги оспори кандидатурите на четворица од актуелните членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија – Смилка Јанеска Саркањац, Ведат Мемедалија, Беким Рамадани и Александар Панов – предупредувајќи дека со нивниот евентуален нов избор ќе биде прекршен Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Според Мециновиќ, тие би останале во Советот дури 16 години, што е повеќе од двата дозволени мандати.

Во истата постапка беа отфрлени 13 кандидатури поради непотполна документација, а 24 кандидати, меѓу кои и дел од сегашниот состав, денеска јавно ги презентираа своите визии и приоритети пред пратениците, во обид да бидат избрани во новиот Програмски совет.

Собранието ќе треба да избере 13 членови, кои ќе раководат со Советот во наредните пет години, во услови на зголемени очекувања за департизација и реформи во јавниот сервис.

Процесот за избор доаѓа по седумгодишен застој, откако последниот избор беше направен во 2017 година, но Советот остана во функција со неограничен мандат, бидејќи Собранието не успеа да обезбеди потребно двотретинско мнозинство за новиот состав.

Со години, Програмскиот совет е предмет на остра јавна критика, пред сè поради политизација на МРТВ, отсуство на програмска плуралистичност и недоволна независност од власта. Денешниот интерес од кандидатите е поголем од вообичаено, што може да укаже на зголемена свест за важноста на реформата на јавниот сервис.

Z P

Zvezdanka Pesikj