АктуелноЛокално

Левица: „Реформите“ на Јаневска се само фасада за ЕУ – образованието и понатаму е во слободен пад

Партијата Левица остро ја критикуваше актуелната министерка за образование, Весна Јаневска, обвинувајќи ја дека најавените реформи во образовниот систем се површни и служат исклучиво како фасада за задоволување на препораките на Европската Унија, наместо како алатка за реално подобрување на условите во училиштата.

„Терминот ‘реформи’ одамна е испразнет од значење, претворен во флоскула која политичарите ја користат за медиумски настапи, без конкретни резултати на терен“, наведуваат од Левица, истакнувајќи дека заложбите на Јаневска само дополнително ги револтирале просветните работници.

Меѓу критиките што ги упатува партијата се:

  • Осакатување на наставните програми во гимназиите, особено на сметка на предметите од областа на филозофијата;
  • Апсурдни препораки, како онаа до основците да учат странски јазици преку гледање телевизиски серии;
  • Недоследности во новиот Закон за средно стручно образование, од кој бил повлечен членот што предвидувал надомест за учениците што извршуваат практична работа кај работодавачи;
  • Неспособност за усвојување суштински законски измени, заменети со „силеџиски интервенции“ од типот на менување на државното име во текстовите, наместо суштински решенија;
  • Плати под просекот, кои ги демотивираат наставниците и го урнисуваат професионалниот статус на просветниот кадар;
  • Катастрофални резултати од меѓународните тестирања, како TIMSS, каде македонските ученици повторно се најдоа на дното.

Од Левица нагласуваат дека образовните институции и натаму служат како расадник за партиски кадри, а не како центри за квалитетно образование, каде интегритетот на наставниците и учениците е загарантиран. „Децата денес не само што не учат во инспиративна и стимулативна средина, туку се чувствуваат и понижено, често лишени дури и од основни услови“, велат од партијата.

„Со вакви ‘реформатори’, образованието ќе остане само уште една фасада зад која се крие вистинската состојба – системска девастација и безобразна партизација. Наместо решенија, добиваме празни ветувања и закони без допир со реалноста“, завршува соопштението на Левица.