Локално

Левица: Безбедноста на патиштата во колапс – Тошковски со празни фалби

Партијата Левица остро реагираше на изјавите на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, обвинувајќи го за недоследност меѓу фалбите за засилени контроли и црната статистика во сообраќајот која секојдневно се зголемува.

„Улиците низ главниот град и низ Македонија се претвораат во патеки на смртта“, стои во соопштението на Левица, во кое се наведува дека во последниот месец бројот на сообраќајни несреќи е поголем во споредба со истиот период минатата година – и покрај најавените мерки за подобрување на безбедноста.

Левица потсетува дека самиот министер Тошковски неодамна признал оти во 2024 година имало 30 загинати пешаци и околу 140 жртви во сообраќајни несреќи низ државата, што е за една четвртина повеќе од европскиот просек.

Партијата укажува и на сериозни инфраструктурни проблеми – нефункционални семафори, оштетени или отстранети сообраќајни знаци, и отсуство на елементарна сигнализација. Особено алармантна е ситуацијата навечер, кога булеварите, според граѓански сведоштва, се претвораат во импровизирани тркачки патеки.

„Иако проектот ‘Безбеден град’ требаше да започне на почетокот на 2025 година, досега нема ниту најави за негова реална имплементација“, велат од Левица. Според нив, засилените контроли се појавуваат само по трагични настани, како краткотраен обид за смирување на јавниот револт, додека проблемите остануваат системски и нерешени.

Партијата бара итна и суштинска интервенција од МВР и Бирото за јавна безбедност, обвинувајќи ги институциите дека наместо конкретни мерки, нудат само апели до возачите за „поголема свесност“.

„Наместо фалби и декларации, потребна е реална акција за да се спречат трагедии и да се врати безбедноста на нашите улици“, завршуваат од Левица.