АктуелноЛокално

(Видео) Мециновиќ: Кандидатите за Програмскиот совет на МРТВ претендираат за трет мандат – спротивно на законот

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, денеска остро реагираше на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, укажувајќи на, како што рече, очигледно кршење на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во процесот на избор на нови членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТВ).

Според Мециновиќ, повеќето од предложените кандидати веќе имаат зад себе два мандати, а некои, како што посочи, се веќе речиси 13 години во Советот, со што нивната нова кандидатура би значела влез во трет мандат – нешто што е јасно забрането со закон.

„Во член 118 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги јасно се вели: мандатот на членовите на Програмскиот совет на МРТ е пет години, со право на уште еден мандат. Ова би им бил трет мандат на овие луѓе, што е директно спротивно на законот и автоматски би требало да значи нивна дисквалификација“, рече Мециновиќ.

Тој истакна дека ваквата ситуација го доведува во прашање легитимитетот и законитоста на целиот процес на именување, укажувајќи и на, како што рече, „сериозни сомнежи за противзаконски постапки“ во досегашната работа на кандидатите.

„Она што е кристално јасно е дека, според член 118, сите четворица кандидати треба веднаш да бидат дисквалификувани од понатамошната постапка“, заклучи пратеникот на Левица.

Со ова излагање, Мециновиќ уште еднаш го потенцира ставот на Левица за потребата од правна строгост и транспарентност во именувањето на членови во јавните институции, особено во сферата на медиумите кои имаат обврска за независно и одговорно известување.

Целосното негово излагање во Комисијата за прашања на изборите и и менувањата на видеото подолу: