Левица: Тошковски ги иззема од истрага кадрите на ДПМНЕ – Селективна одговорност е неодговорност
Левица остро реагира на очигледната селективност и политичка мотивираност во водењето на предистрагата и истрагата за трагичниот настан во Кочани, кој однесе млади животи и остави длабоки траги во целата јавност. И покрај јасните индиции за сериозни пропусти и свесно непостапување од страна на лица со оперативна надлежност – особено во рамки на Министерството за внатрешни работи (МВР) – истрагата се насочува исклучиво кон поранешни функционери и пониски ешалони.
Свесно се изоставуваат од одговорност лица кои имале директна обврска да дејствуваат во моментот на трагедијата, вклучително и началничката на ОВР Кочани, началникот на криминалистичката полиција, главната инспекторка за економски криминал, сменоводителот на критичната вечер, како и други службеници од СВР Штип и Бирото за јавна безбедност. Политичката поврзаност на дел од овие лица со владејачките структури ја отвара вратата за сомнежи дека свесно се прикриваат одговорни лица.
Дополнително, постојат пријави против објектот, но институциите не реагирале. Нелегалната употреба на пиротехника, како и сомнителната „рација“, спроведена без учество на инспекциските служби, ја потврдуваат сериозната пропустливост на институциите. Фактот дека објектот имал законска можност да биде затворен, но тоа не било направено, го потврдува високото ниво на неодговорност.
Пратеничката група на Левица веќе подготвува интерпелација за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поради сериозните пропусти, прикривање на директно одговорни лица и селективно водење на истрагата. Левица инсистира на целосна правда и неселективна одговорност. Секој кој потфрлил, секој кој премолчел и секој кој свесно прикривал, мора да одговара. Трагедијата во Кочани не смее да остане без вистински виновници!