Левица М.Брод – Ќе чекаме прво дете да настрада, па да реагирате?
- Левица Македонски Брод: Руинирана зграда во Самоков претставува закана за животот на учениците – време е за итна реакција, а не за сликање со лопати!
Додека незаинтересираната власт спие, децата во селото Самоков секојдневно минуваат покрај руинирана зграда која претставува директна закана за нивната безбедност. Старото здание познато како „Бегова куќа“, изградено во 1903 година, денес стои напуштено и пред уривање, веднаш до основното училиште каде редовна настава посетуваат десетици ученици.
Левица Македонски Брод упатува јасна и недвосмислена реакција: ова е институционално неодговорно, безочно игнорирање на безбедносен ризик кој секојдневно демне врз најмладите жители на Самоков.
Зградата, која има и историско значење, не само што е оставена на забот на времето, туку е и непрописно оградена, со што уште повеќе се зголемува ризикот за случаен инцидент. Во топлите денови, децата минуваат покрај неа при излегување на одморите или при часовите по физичко, буквално во сенката на паднати ѕидови и ронливи греди.
Левица бара:
- ИТНА интервенција од надлежните за целосно и прописно оградување на просторот со метална заштитна конструкција;
- Санација на теренот околу зградата за да се спречи движење на ученици во опасната зона;
- Долгорочен план за реставрација и валоризација на објектот како историски споменик, доколку проценките покажат дека е можна негова стабилизација.
Овој објект не е само стара зграда – тоа е сведоштво на историјата на Самоков, но пред сè, тоа е бомба што отчукува над главите на децата, во време кога властите се пофокусирани на шминкање фасади и објави по социјални мрежи.
Левица Македонски Брод ќе бара одговорност од сите досегашни и сегашни чинители во локалната власт, кои ја доведоа оваа ситуација до оваа точка на ризик. Од позиција на локална власт, ќе обезбедиме итна безбедносна интервенција, правна заштита на историското наследство и конечно – одговорно управување со јавниот простор.
Доста беше популизам и негрижа – време е за реална, народна локална власт.