АктуелноИнтернационално

ДПМНЕ тивко го распродава идентитетот – Историската комисија со Бугарија без резултати, ама со „благодарници“

Додека македонските граѓани живеат со секојдневни притисоци врз идентитетот и историската меморија, македонскиот тим во Заедничката историска комисија – под капата на владата контролирана од ДПМНЕ – во Софија повторно учествуваше во уште една рунда „историска дипломатија без кичма“.

На 35. средба на Комисијата, не било постигнато ништо суштинско. Наместо да се зацврстат позициите за заштита на македонскиот идентитет и историја, средбата започнала со дипломатска топлина и протоколарни изрази, додека реалните прашања останале закочени.

Комисијата, формирана со Договорот за добрососедство во 2017 година, одамна е предмет на критика поради, како што велат експерти, „едностраните отстапки кои се сервираат како успех“. Сега, со новото раководство избрано од Владата на ДПМНЕ, стравовите стануваат реалност: оваа структура наместо да брани, настапува како трпелив партнер во историско прекројување.

На чело на македонскиот тим е професорот Ванчо Ѓорѓиев – кој во 2021 јавно се повлече поради политички притисоци. Денес, иронично, се враќа како шеф на истиот тим, во време кога политичкиот притисок не е ослабен, туку институционализиран од страна на партијата која глуми патриотизам, а работи на шверцување на историјата.

  • Од дискусиите во Софија произлегува дека биле разгледувани предлог-препораки за учебниците за седмо одделение и за „идни заеднички чествувања“ – но без напредок. Тоа не спречило изразување „добра волја“ и протоколарни гестови. Како во лоша фарса – нула резултати, но цел дипломатски перформанс.

И покрај тоа што досега се „усогласиле“ за чествувања на ликови кои се длабоко вкоренети во македонската историска и културна традиција – Светите Кирил и Методиј, Наум, Климент, Самоил – нема никаква симетрија во тоа како тие се прикажуваат во бугарските учебници и медиуми. Но македонската страна – и претходно, а сега уште поотворено – не бара ништо повеќе од „европска кооперативност“, што во превод значи молчење додека Бугарија ги негира македонскиот јазик и народ.

Лицемерно е што токму ДПМНЕ, која со години се претставува како „чуварот“ на идентитетот, сега молчи додека се преговара за учебници и историја зад затворени врати – без јавен увид, без експертски консензус, без транспарентност.

Следната средба е најавена за јуни – овој пат во Скопје. Но прашањето е: ќе биде ли тоа уште една рунда „конструктивен дијалог“ во која ќе се сретнеме на половина пат од сопствената историја? Ќе има ли нови „заеднички херои“ и прилагодувања во учебниците кои ќе ги учат децата од прво лице множина за личности чие дело веќе се присвојува од соседството?

Македонскиот народ не бара конфронтации – бара достоинство. Бара историската вистина да не биде монета за политички пазар. А во моментов, под „раководството“ на ДПМНЕ, добиваме токму тоа – дипломатски фризирана капитулација.

Z P

Zvezdanka Pesikj