Струмичанец одбил да работи со „Еуромакс“: Не сакам пари од рудникот на смртта!
Томислав Јованов, долгогодишен професионалец во областа на противпожарната заштита, јавно објави дека одбил соработка со компанијата „Еуромакс Ресурсис“, потенцијалниот концесионер на рудникот Иловица-Штука. Во својата објава на Фејсбук, Јованов истакна дека, иако обемот на работа му се зголемил поради зголемената свест за безбедност по неодамнешната трагедија во Кочани, тој не можел да прифати соработка со компанија која, според него, е „уништител на здравата животна средина“ во Струмичката Котлина.
„Јас како противник на отворање на ‘рудникот на смртта’ не можев ‘елегантно да ја одбијам’. Мојот одговор беше дека не сакам да соработувам со нив по ниеден основ и за никакви пари“, напиша Јованов.
„Еуромакс Ресурсис“, канадска компанија, планираше инвестиција од 340 милиони евра во рудникот Иловица-Штука, со очекување за создавање на околу 1.000 директни работни места за време на изградбата и 500 при редовното работење на рудникот. Сепак, проектот се соочи со силен отпор од локалните заедници и еколошки активисти, кои изразија загриженост за потенцијалното загадување на почвата, водата и воздухот во регионот.
Во декември 2019 година, Владата на Македонија еднострано го раскина договорот за концесија со „Еуромакс Ресурсис“, наведувајќи дека компанијата не поднела барање со целата потребна документација за издавање дозвола во рок од четири години по склучувањето на договорот. Компанијата најави жалба на оваа одлука преку институциите на Македонија.
Јованов ја искористи својата објава за да ги охрабри и другите индивидуалци и фирми кои се против отворањето на рудникот да постапат слично, нагласувајќи дека не сака да соработува со компании кои, според него, ја уништуваат животната средина и иднината на следните генерации.