Како компанија вмешана во истрага тешка 167 милиони евра тргувала со течно гориво добиено од отпадни гуми?
- „РКМ“ добивала договори без вистинска конкуренција.
Компанијата „РКМ“, сопственост на Ратко Капушевски, а од 2022 година во партнерство со Ерџан Сулкоски, е во фокусот на голема истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција, поврзана со наводна злоупотреба при набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Според Антикорупциската комисија, токму по нивна иницијатива била отворена предистрага која резултираше со сегашната кривична постапка, вредна дури 167 милиони евра.
Во периодот од 2021 до 2023 година, „РКМ“ увезла 45 милиони килограми мазут во Македонија. Дел од тоа гориво, според документи добиени од Царинската управа, не ги исполнувал стандардите – од 23 испитани мостри, кај шест се констатирани отстапувања од квалитетот, по што тие пратки биле вратени назад од граничните премини.
Дополнително, под лупа на истрагата се и сомнежите дека компанијата набавувала течно гориво добиено од преработка на отпадни гуми. Дел од тој мазут, „РКМ“ го набавувала од штипската компанија „Санс АГ“, која годинава остана без дозвола за работа од Општина Штип. Причината: сериозни неправилности утврдени од Инспекторатот за животна средина уште во 2020, а потоа и во 2023 година.
Оваа информација отвора нови прашања – како било можно компанија со континуирани прекршувања да продолжи да добива дозволи за работа и да тргува со државни енергетски капацитети? Кој одобрил испорака на мазут со несоодветен квалитет? И дали државата има механизми за контрола кога станува збор за критично важни енергетски ресурси?
Одговорите, засега, ги нема. Но фактите укажуваат на системски пропусти, кои би можеле да имаат сериозни последици по буџетот и по безбедноста на енергетскиот систем.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за „Инфомакс“ велат дека сомнежите за злоупотреба при јавните набавки на мазут за ТЕЦ „Неготино“ се јавиле уште пред две години, откако во повеќе наврати биле забележани „изнудени“ постапки со една или две понуди, без вистинска конкуренција.
„Во случајот со ‘РКМ’ алармиравме уште во 2023 година дека постапките се водат во итна постапка без оправдана причина, што овозможи да се склучат договори вредни десетици милиони евра со иста фирма. Не беше обезбедена реална пазарна конкуренција, а набавката беше пречесто повторувана со исти услови“, велат од ДКСК.
Комисијата уште тогаш доставила иницијатива до Обвинителството, со образложение дека во целата постапка има елементи на сериозна корупција и можен судир на интереси.