(Видео) Советникот Велевски со низа обвинувања: Се распаѓа Зоолошката градина во Битола – бара истрага за сомнителни трошења и злоупотреби
Советникот од редовите на Левица во Општина Битола, Горан Велевски, преку објава на социјалните мрежи упати сериозни обвинувања кон раководството на Зоолошката градина во Битола, обвинувајќи за финансиски злоупотреби, непрофесионално раководење, сомнителни вработувања и негрижа кон животните.
Според Велевски, институцијата – една од најстарите зоолошки градини на Балканот – е во состојба на распаѓање, додека актуелното раководство работи нетранспарентно и со сомнителни финансиски резултати.
Во фокусот на критиката се актуелниот директор Жарко Тренкоски и поранешниот в.д. директор Јане Гилевски. Велевски посочува дека претпријатието остварило минус од речиси 400.000 денари во првиот квартал од 2024 година, по што, и покрај препораките од Управниот одбор за негова оставка, Гилевски останал на функцијата и го зголемил финансискиот минус за дополнителни 345.000 денари до септември.
Советникот прашува дали има отворени предмети во Обвинителството во Битола за финансиските неправилности, дали се издавале лажни документи за набавки, како и зошто храна за животните била добивана бесплатно од маркети, а прикажувана како купена?
Меѓу обвинувањата се и случаи на нетендерски набавки, вработувања без согласност од општината, партиски ангажмани на лица со договор на дело и дури – како што се тврди – хранење на месојадни животни со угинати крави.
Велевски повикува и на итна проверка на дипломите и квалификациите на сите вработени, вклучувајќи го и директорот, со сомнеж дека дел од документите се фалсификувани.
„Ќе поднесеме барање од јавен карактер за сите поставени прашања, а директорот Жарко Тренкоски ќе мора писмено да одговори за интересот на јавноста“, најави Велевски.
Зоолошката градина во Битола, некогаш гордост на градот и еден од ретките вакви објекти во Македонија, сега, според советникот од Левица, се соочува со криза на интегритет, хигиена и грижа за животните.
Од страна на надлежните институции сè уште нема официјален одговор на обвинувањата.
Целосното видео од неговото излагање во Советот на Општина Битола може да го видите на линкот подолу: