(Видео) Мециновиќ: Властa турка Закон за медиуми без јавна расправа – Левица бара инклузивен процес
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната седница на Собранието упати остри критики до владејачкото мнозинство поради обидот да се донесе новиот Закон за медиуми без претходна јавна дебата со засегнатите страни. Тој побара оваа точка да биде симната од дневен ред сѐ додека не се организира широка, инклузивна расправа со сите медиумски чинители.
„Во комуникација со медиумски чинители, сметаме дека ова е избрзано носење на ваква битна материја. Треба да се вклучат сите општествени фактори кои се занимаваат со оваа област,“ истакна Мециновиќ.
Тој предупреди дека предложеното законско решение носи потенцијални ризици од фаворизирање на медиумски магнати и оние кои располагаат со значителни ресурси, што може да создаде нерамноправна медиумска средина.
„Сѐ додека политичката каста пробува без комуникација со медиумските претставници да го регулира овој простор, многу лесно тоа може да западне во авторитарно однесување. Последиците од тоа ќе се одразат врз севкупниот демократски амбиент, слободата на мисла и транспарентноста во јавниот дискурс,“ нагласи пратеникот на Левица.
И покрај повикот на Мециновиќ за демократски пристап, владејачкото мнозинство не го прифати неговото барање, по што законот остана на дневниот ред. Левица најавува дека ќе продолжи да се бори против ваквиот пристап кон законодавството, особено кога станува збор за области кои директно го засегаат правото на информирање и слободата на медиумите.
Неговото целосно обраќање во Собранието подолу на видеото: