АктуелноЛокално

Судија со сериозни пропусти, казнет со 30% од плата – Пајазити останува на функција

Судијата Пајазит Пајазити, кој лани му овозможи бегство од правдата на поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани, ќе ја задржи својата функција, иако Судскиот совет официјално констатираше сериозни пропусти во неговото постапување. Наместо разрешување, Пајазити ќе добие само дисциплинска мерка – намалување на платата за 30% во следните шест месеци.

Овој случај ја отвори Пандорината кутија на прашања околу отчетноста во правосудниот систем и ефикасноста на институциите задолжени за надзор над судиите.

На 22 јули 2024 година, судијата Пајазити, и покрај сите индиции дека постои висок ризик од бегство, на Блерим Рамадани му одредил мерка домашен притвор. Рамадани, кој беше обвинет за сериозни кривични дела, ја искористи таа одлука и побегна во Косово. Судскиот совет подоцна утврди дека судијата не постапил во согласност со доказите и околностите, но санкцијата – барем според јавноста – е повеќе козметичка отколку суштинска.

Ова не е прв случај во кој Пајазити предизвикува контроверзии. Тој беше судија и во случајот со упадот во М-НАВ, кога група предводена од Беким Незири влезе во контролниот центар на македонскиот воздушен простор. И тогаш, како судија на претходна постапка, Пајазити не одреди мерка притвор за осомничените, иако дел од јавноста сметаше дека постоеле сериозни индиции за нарушување на јавниот ред и мир, па и за ризик од влијание врз сведоци.

Од Коалицијата „Сите за правично судење“, која го следи работењето на Судскиот совет, посочуваат дека казната не мора секогаш да биде строга, но мора да биде ефикасна. Според Ивана Петковска од Коалицијата, клучното прашање е дали санкцијата ќе доведе до промени во однесувањето на судијата и дали ќе ја врати довербата на граѓаните во системот:

„Не е толку во тоа каква казна ќе биде изречена, односно најчесто прашањето е колку е ефективна казната и колку навистина делува врз работата на судиите. (…) Многу е важен делот како Судскиот совет ќе ги води постапката и на крајот дали ќе изрече правилна и правична одлука.“

Сепак, судијата Пајазити ќе продолжи да суди. И покрај јавно документираните пропусти и фактот дека како последица на неговата одлука Рамадани е сега недостапен за органите на прогонот, Судскиот совет не најде за сходно да иницира разрешување.

Овој случај повторно ја разгоре дебатата за (не)казнивоста во правосудството и за праксата на селективна правда. Во контекст на европските интеграции, реформите во правосудниот сектор се приоритет. Но, како граѓаните да веруваат во тие реформи кога судија кој овозможува бегство на осомничен за воени злосторства добива само симболична казна?

Критичарите сѐ погласно прашуваат дали Судскиот совет е навистина независно тело што штити интегритет на судството – или институција која го штити судијата, дури и кога тој прави грешки со далекусежни последици.

Z P

Zvezdanka Pesikj