Левица Делчево: Кривична одговорност за раководството на ЈКП „Брегалница“ – институциите да не молчат
По објавениот извештај од Државниот завод за ревизија за работењето на ЈКП „Брегалница“ – Делчево за 2023 година, локалниот огранок на Левица излезе со остра реакција, барајќи итна кривична одговорност за раководството на претпријатието. Извештајот завршува со крајно неповолно ревизорско мислење, кое укажува на системска негрижа, незаконитости и несоодветно управување што, според Левица, го довеле претпријатието до работ на колапс.
„Ова не е обична административна грешка. Ова е уништување на јавно претпријатие од страна на неспособно и неодговорно раководство! Бараме разрешување на директорот Стојче Стојковски и на целиот Управен одбор, како и итно покренување на кривична постапка против сите одговорни,“ порачуваат од Левица Делчево.
Ревизорите утврдиле низа сериозни неправилности:
- Над 53% од вкупната произведена вода не се фактурира – што резултира со директна загуба на приходи за претпријатието и за државниот буџет.
- Земјиштето не е евидентирано, нема утврдена пазарна вредност, а капиталните вложувања во водовод и канализација не се регистрирани.
- Не е утврдена вредноста на основната главнина, а не постои ниту упис во Централниот регистар.
- Побарувањата не се обезвреднети, се признаваат расходи без документација, а сметководството не е усогласено со реалната состојба.
- Постојат неправилности при исплата на плати, а претпријатието со години нема ниту внатрешна ревизија, ниту пишани процедури за контрола.
Ревизија била спроведена и за 2003 година, кога исто така било изразено неповолно мислење за усогласеност со законите, што според Левица говори за децениска институционална негрижа.
„Имаме континуитет на криминално и несовесно работење. И наместо подобрување, состојбата ескалира! Институциите не смеат да молчат додека јавното добро се распаѓа пред очи на граѓаните!“, стои во соопштението од партијата.
Левица Делчево упатува апел до Државното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Државната комисија за спречување на корупција, како и до Советот на општина Делчево, да не ја игнорираат ревизијата.
„Ова не е време за калкулации и заштита на партиски кадри! Ова е време за одговорност. Граѓаните на Делчево заслужуваат отчетна и транспарентна локална власт, а не молк и прикривање,“ истакнуваат од партијата.
Со обемниот и критичен ревизорски извештај во јавност, притисокот врз локалната власт и надлежните институции се зголемува. Сепак, останува прашањето дали ова ќе биде уште еден документ кој ќе заврши во фиока – или чекор кон расчистување со корупцијата и нестручноста во јавните претпријатија.