Османи излажа: Генчовска и Захариева потврдија дека Бугарија не го признава македонскиот јазик

Протоколот содржи исклучително амбициозни мерки, што во пракса имаат за цел да решат многу од отворените прашања. Ова не е документ сам по себе, туку составен дел од пакетот на таканаречениот „француски предлог“. Оттука, ќе продолжи работата на ниво „експерти“ со тим од Република Северна Македонија, рече денеска бугарската министерка, Теодора Генчовска во Софија, на прес-конференција по церемонијата на потпишување на билатералниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство, за што бугарските медиуми известуваат дека ќе биде дел од преговарачката рамка на Скопје за членство во ЕУ, и содржи мерки за наставните програми за историја, говор на омраза и култура.

Генчовска рече дека отсега зависи само од Македонија кога земјата ќе влезе во ЕУ и колку долго ќе се одолговлекува преговарачкиот процес.

„При одредувањето датум за првата меѓувладина конференција од страна на чешкото претседателство со ЕУ, Република Северна Македонија ќе има политичка меѓувладина конференција. Дури по овој процес ќе има втора меѓувладина конференција, по што всушност ќе започне преговарачкиот процес. Овој период зависи од властите во РСМ, може да трае три месеци, како што беше при промената на името на државата, може да трае две години. Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на РСМ. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик“, нагласи таа.“

Освен Генчовска, пратеничката на ГЕРБ, Екатерина Захариева посочи дека со потпишувањето на протоколот, историските прашања се дел од преговарачката рамка, заедно со санкционирањето на говорот на омраза и другите бугарски барања. Според неа, најважно е што, Бугарија и натаму не го признава македонскиот јазик и истиот го нарекува „официјален јазик според Уставот“. Нејзиниот коментар е даден за бугарскиот медиум „БНТ“.

Важно е да се каже дека со ова одобрение не го признаваме македонскиот јазик, туку продолжуваме да ја користиме формулата воведена од 1999 година, официјален јазик според уставот на државата. Дополнително, нашите барања за прекин на говорот на омраза, зајакнување на билатералната соработка и спроведување на одлуките на историската комисија, вклучување на Бугарите во уставот на РСМ, стануваат дел од преговарачката рамка, посочи Захариева.

Таа бара, како што вели, „да се смират страстите во Македонија“.

Се надевам дека малку ќе се смират страстите во Македонија. Не малку, туку многу треба да се смират. Видовме што се случува таму, видовме голема тензија, видовме не само антибугарска, антиевропска, анти-НАТО реторика. Се вратија од реториката од пред 30 години. Не се чини дека сакаат да бидат членки на ЕУ, иако тоа беа протести организирани од партија што е во опозиција. Малку и помага и на Бугарија, која отсекогаш велеше дека треба да се реформираат дури и за да започнат преговори, бидејќи ќе биде штетно за РСМ и за ЕУ ​​ако не направат соодветна проценка на минатото и не почнат да гледаат напред, ако не се демократизираат, рече Захариева.

За македонскиот јазик, Захариева уште еднаш посочи: „Тој има разлики, но, е напишан ’45 година,врз основа на бугарскиот дијалект“.