АктуелноЛокално

Архитектите исклучени – јавниот простор загрозен: стручната фела против измените на Законот за градење

Со новите измени на Законот за градење, Владата и општините ќе можат да го пренесуваат правото на градење на приватни компании и поединци во замена за процент од изградените објекти. Според предложените измени, доволна ќе биде и една понуда на јавен повик, при што главен критериум за избор ќе биде понудениот процент што ќе му припадне на државниот орган.

Овие законски измени, веќе испратени до Собранието, се образложени со потребата за забрзување на изградбата на капитални проекти од јавен интерес. Но, стручната јавност предупредува дека предложените решенија отвораат сериозни ризици од корупција, нетранспарентност и приватизација на јавниот простор.

Според новите одредби, недовршените проекти ќе можат да продолжат со изградба и по десет години од истекот на предвидениот рок, без гаранција за нивната реализација. Архитектонската фела не била вклучена во процесот на подготовка на законот, а Министерството за транспорт и врски одбива да одговори на јавните прашања.

Професорот Мишко Ралев, декан на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ Колеџ“, вели дека експертите се целосно исклучени од процесот и предупредува на можноста државниот имот да премине во приватни раце по багателни услови, при што ќе се изгуби контролата врз јавниот интерес.

„Земјиштето е нереверзибилен ресурс и мора да се третира со повисок степен на одговорност. Треба да се прекине практиката под превезот на законитост да се задоволуваат приватни интереси на сметка на јавниот простор“, вели Ралев.

Спорната одредба од Законот за градежно земјиште, која овозможува на физички или правни лица со 30% сопственост на парцела да го купат остатокот од државното земјиште преку директна спогодба, досега доведе до низа контроверзни зделки во центарот на Скопје. Иако општина Центар иницираше измена на оваа формула во 70%-30%, надлежните институции останаа неми.

Законите за градење и легализација на дивоградби, пак, креираат правен апсурд, дозволувајќи објекти изградени без дозвола да добијат легален статус, без соодветна проверка на нивната безбедност. Како резултат на тоа, случаите како дискотеката „Пулс“ во Кочани – објект кој не бил дивоградба, но не бил ниту легален – стануваат трагична илустрација на последиците од таквиот пристап.

Новите измени на Законот за градење, според експертите, наместо да овозможат развој, ризикуваат да ја продлабочат системската корупција и да доведат до трајно нарушување на јавниот интерес.

Веста е делумно преземена од Само прашај