(Видео) Исмаил: Наместо по скратена постапка – Законот за градежно земјиште треба да помине низ јавна дебата
Пратеникот и потпретседател на Левица, м-р Реџеп Исмаил, на денешната собраниска седница побара тргање на точката од дневниот ред која се однесува на Предлог-законот за изменување на Законот за градежно земјиште. Исмаил остро се спротивстави на намерата овој закон да се донесе по скратена постапка и побара да се организира јавна дебата со вклучување на стручната јавност.
„Барам оваа точка да биде повлечена и за неа да се отвори јавна дебата, затоа што архитектонската фела и другите релевантни чинители се целосно исклучени од процесот“, рече Исмаил.
Тој предупреди дека веќе има примери на узурпирани јавни површини, особено во дворовите на училишта, кои, наместо да им служат на учениците, се претворени во приватен профит за поединци блиски до власта.
„Нашите информации говорат дека јавни простори, наместо да служат за образование и јавен интерес, се отуѓуваат и се претвораат во приватен бизнис. Ова е алармантно!“, нагласи пратеникот.
Исмаил укажа и на несразмерноста во законодавната процедура – технички измени на закони се носат по редовна постапка, додека, според него, суштинска измена со сериозни последици по државното земјиште, се носи по скратена постапка.
„Овој закон, кој може да го олесни процесот на оттуѓување на државното земјиште кон партиски блиски лица, не смее да се турка во тишина. Ова е премногу сериозно прашање за да се донесе на мала врата“, рече тој.
Во завршницата на својот говор, Исмаил потсети на трагедијата во Кочани како предупредување за несериозниот однос кон просторот и урбанистичкото планирање.
„Не сме ја научиле лекцијата од Кочани. Наместо да ја зајакнеме контролата врз државното земјиште, ние го олеснуваме патот за негово отуѓување. Ова е недозволиво“, поентираше Исмаил, повикувајќи на одговорен и инклузивен пристап во креирањето на законските измени.
Видеото од говорот на пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил во продолжение: