Ова година се реализираше проектот “Археолошки истражувања на црквата Св.40 Севастиски маченици кај Бања Банско”. Археолошките истражувања беа под раководство на Д-р Душко Цветанов – археолог виш кустос од НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица.
Струмица бил важен духовен и културен центар во минатото. Ова го покажуваат и најновите наоди на локалитетот Свети 40 Севастиски маченици во Банско каде под црквата археолозите открија и остатоци од римски објект датиран од помеѓу 2 и 3 век од новата ера. И покрај тоа што овие два објекти немаат никаква поврзаност археолозите сметаат дека се работи за значајно откриетие кое покажува дека на овој простор имало активност и во римски период. Веднаш до римскиот објект се наоѓа и средновековната некропола во која годинава се откриени нови 18 погребувања.
Дека се работи за важен средновековен објект потврдува и синтроносот во апсидата на црквата што упатува на заклучокот дека бил епископско седиште. Ова за археолозите е посебно значаен податок бидејќи било невообичаено на само 15 км оддалеченост да постојат две различни епископски седишта, едното кај с.Водоча и оваа кај с.Банско.
Црквата посветена на Светите 40 маченици е откриена во 1984 година во минатиот век. После цели 40 години, лани беше извршена конзервација и реставрација на објектот со акцент на обнова и санирање на фугите на ѕидовите. Оваа црква е специфична и по нејзината форма бидејќи е една од ретките во Македонија која е градена во форма на слободен крст.
