АктуелноЛокално

Украдено возило на Општина Аеродром – пронајдено без една регистарска табличка

ВД Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, пријавил кражба на службено возило сопственост на општината, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според информациите на МВР, кражбата била пријавена на 7 април во 22 часот во Полициската станица Аеродром. Митески навел дека возилото од марката „Ауди“, со скопски регистарски таблички, било одземено од гаражата на Општина Аеродром на булеварот „Јане Сандански“ во периодот меѓу 4 април (15:30 часот) и 7 април (20:40 часот).

По извршената пријава, полицијата го пронашла возилото на улицата „Перо Наков“, при што било утврдено дека му недостасува една регистарска табличка.

Надлежните служби преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сторителот.