Советот за човекови права на ОН со две резолуции во поддршка на Палестина: Колонијалните практики на Израел се нелегални – Македонија изолирана помеѓу три/два противници на овие резолуции
На завршувањето на својата 58-ма сесија во петокот, Советот за човекови права на Обединетите нации усвои две резолуции предложени од Државата Палестина, со кои повторно се потврдува нелегалноста на израелските колонијални практики во окупираните палестински територии, вклучително и Источен Ерусалим, и се истакнува неотуѓивото право на палестинскиот народ на самоопределување.
Резолуциите беа усвоени во рамки на точка 7 од агендата на Советот, која се однесува на состојбата со човековите права во окупираните палестински територии.
За резолуцијата со која се осудуваат колонијалните проширувања на Израел гласаа 34 земји „за“, 10 воздржани, додека три земји беа против, меѓу кои и Македонија.
Резолуцијата која го реафирмира правото на палестинскиот народ на самоопределување доби поширока поддршка: 43 земји гласаа „за“, додека две беа против меѓу кои и Македонија, а две воздржани.

Израелските колонии како пречка за мир
Првата резолуција ја нагласува нелегалноста на израелските колонијални активности не само во окупираната палестинска територија и Источен Ерусалим, туку и на Голанската висорамнина. Се наведува дека овие дејства се спротивни на меѓународното право и претставуваат сериозна пречка за постигнување праведен мир и решение со две држави.
Советот бара итно и безусловно запирање на сите колонијални активности, уривање на постојните колонии, отстранување на ѕидот на апартхејдот, како и прекинување на расистичките политики и присилно раселување на Палестинците.
Резолуцијата повикува Израел да ја почитува Четвртата Женевска конвенција, особено членот 49, и ги повикува државите и компаниите да ја прекинат поддршката за израелските колонијални проекти.
Дополнително, се предлагаат економски мерки како бојкот, повлекување на инвестиции, замрзнување на имот и забрани за патување за учесниците во прекршувањата, со цел да се обезбеди одговорност за насилствата од страна на колонистите.
Поддршка за независноста и достоинството на Палестинците
Втората резолуција го нагласува неотуѓивото право на палестинскиот народ на самоопределување, што вклучува и право на формирање независна држава, како и живот во слобода, правда и достоинство.
Се посочува дека окупацијата од страна на Израел е нелегална и мора веднаш да престане, бидејќи продолжувањето на окупацијата, заедно со политиките на анексија и колонизација, го попречуваат секој напор за политичко решение.
Резолуцијата бара отстранување на сите пречки за независноста и суверенитетот на Палестина, зачувување на територијалниот интегритет и смета дека меѓународната заедница има должност да го поддржи правото на Палестинците на самоопределување.
Македонија една од ретките земји што гласаше против- декларацијата на Левица за признавање на Палестина останува во фиока
И додека светските институции сè погласно ја поддржуваат правдата за палестинскиот народ, Македонија продолжува да гласа против ваквите резолуции, а дома во Собранието да блокира секаква иницијатива во врска со Палестина. Декларацијата предложена од Левица за официјално признавање на независноста на Палестина сè уште стои во фиоката на претседателот на Собранието, Африм Гаши. Документот е блокиран од владеачкото мнозинство составено од ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, кои, и покрај декларативната поддршка за мир, не преземаат конкретни чекори во Собранието за признавање на Палестина како суверена држава.